Водата од поплавените ниви и домови во Раотинце се повлекува во коритото на Вардар, но зад себе остави пустош на земјоделските површини

0
32

Водостојот на Вардар е намален за околу половина метар, водата се повлекува од нивите, велат од месната заедница од село Раотинце.

Оттаму очекуваат во нареднте два дена целосно повлекување на водата во своето речното корито.

Но, нивите како што велат, оваа сезона нема да бидат употребливи оти е веќе доцна да се засадот со земјоделски култури, а периодов што следи се очекува и наезда од комарци.

„После повлекувањето на водата ќе се појават голем број на комарци, така да сме разговарале со градоначалникот откако ќе се стабилизира состојбата да се изврши прскање, можеби не на целата површина, таму не ќе може да се влезе оти нивите ќе бидат во кал до колена, но покрај патиштата ќе се испрска. Проценката е дека има околу 150 хектари зафатена земјоделска површина со вода, но сигурно има многу повеќе. Ние пак ќе излеземе на терен и ќе оцениме колку има“, вели Васко Јанчевски претседател на месната заедница од село Раотинце.

Мештаните од село Раотинце, но и од другите населени места, повеќе од две децении чекаат регулација на коритото на реката Вардар, што значи изградба на потпорни ѕидови на најкритичните места каде реката се излева. Ветувања има безброј, но реализација на терен нема, велат од месната заедница.

„Надешта велат последна умира, но ние веќе изгубивме надеж дека државата конечно ќе започне со регулација на коритото на реката.Инаку тука да додадам дека имаме еден проект исто така за регулација на коритото, но тој проект е преку УНПД, помош која е странска и на која некако повеќе веруваме дека ќе се реализира. Мислам дека ќе успее тој проект. И најавата нивна е да почнат во август со градежни активности за регулација на коритото, а проектот да биде реализиран околу месец мај наредната година. Владиниот проект е да има потпорни ѕидови на критични места, но овој проект преку УНДП е целосна регулација на коритото, односно да се изгради кеј на реката Вардар од село Туденце се до населеното место Јегуновце, вели Васко Јанчевски претседател на месната заедница од Раотинце.

Од месната заедница Раотинце заедно со преставници на Општина Јегуновце откако целосно ќе се повлече водата во своето речно корито ќе излезат на терен да ја проценат штетата чиј извештај ќе биде пратен до Второстепената владина комисија за проценка на штети. Освен земјоделска површина која е речиси целата зафатена од надојдените води, реката Вардар поплави и околу дваесетина домови во ова населено место.

Извор СП