„Меѓучекор кон ЕУ“, ИНИЦИЈАТИВА НА БРАНКО ЦРВЕНКОВСКИ

0
26

Поранешниот претседател Бранко Црвенковски, се сомнева дека ќе има напредок во пристапот на Западен Балкан во Европската Унија. Тој рече дека Македонија нема започнато преговори со Унијата. Тој посочи дека ниту соседните држави кои чекаат полноправно членство немаат значајни исчекори.

„Подготвувајќи се за денешниов настан го прочитав и моето обраќање пред вас од мај минатата година. Што заклучив? Дека за жал можам да го прочитам истиот текст и денес и ништо важно нема да пропуштам. Таму каде што бевме лани се наоѓаме и сега без видлив и сериозен напредок. И тоа не се однесува само за Македонија туку и за другите земји од регионот без разлика дали ќе го нарекуваме југоисточна Европа или Западен Балкан. Единствен исклучок можеби е Албанија за која беше донесена одлука за почеток на преговорите. Ние ги отворивме, но не ги започнавме преговорите. Како што стојат работите тешко е да се предвиди дали и кога тоа ќе се случи. БиХ доби кандидатски статус но со 14 строги услови и без можност да ги користи фондовите кои следуваат за земја кандидат. Посебна приказна се Србија и Црна Гора, земји кои преговорите ги почнаа пред цели 9 односно 11 години. Токму со образложение дека процесот на преговори со нив тече споро“, рече Црвенковски.

Поранешниот претседател Бранко Црвенковски промовира иницијатива за пристап до заедничкиот пазар и до европските фондови, но не како алтернатива за полноправно членство туку како меѓучекор.

Една варијанта, според него, е да се искористи постоечката Европската економска област, а втора можност е ЕУ да потпише нов посебен договор со сите земја од Западен Балкан посебно.

– Европската Унија нема јасен план што ќе прави самата со себе, а како резултат на тоа ниту што ќе прави со Западен Балкан. Ве недостиг на јасна стратегија постојано слушаме едни исти мантри: од страна на ЕУ дека останува политиката на „отворени врати“, а од страна на земјите од регионот дека полноправното членство во ЕУ е единствената опција за која не постои алтернатива. Кои би биле бенефитите од прифаќањето и реализацијата на една ваква иницијатива? Земјите од регионот би ги подобриле своите економски перформанси, а со самото тоа би биле поподготвени за полноправно членство. Европската Унија би го зајакнала својот кредибилитет и влијание во регионот и би ги елиминирала сите опасности од неевропски и антиевропски влијанија. Нема што да загубиме. Кои се начините за постигнување на оваа цел? Една варијанта е да се искористи веќе постојната Европска економска област, а дека членството таму не е никаква кочница за полноправно членство во ЕУ говори примерот на Австрија, Финска и Шведска кои во 1995 година како поранешни членки на ЕФТА станаа полноправни членки на ЕУ. Втора можна варијанта со која би се избегнале сложените процедури за прием на нови членки во ЕЕо, а би се овозможил пристап до европските фондови е доколку ЕУ потпише нов посебен договор со сите земји од Западен Балкан истовремено – објаснува Црвенковски.