Палеонотолози во Јужноафриканската Република соопштија дека ја пронашле најстарата позната гробница на светот, која содржи остатоци од далечните човекови претци со мал мозок, за кои се смета дека не биле способни за сложено однесување, пишува Алџезира.
Истражувачите предводени од палеоантропологот Ли Бергер објавија дека откриле неколку примероци на Хомо наледи, хоминид од камено доба, кој се качувал на дрвја.
Посмртните останки биле закопани на околу 30 метри под земјата во пештерскиот систем „Лулка на човештвото“, палеоантрополошка локација која се наоѓа на околу 50 километри северозападно од Јоханесбург, Јужна Африка, место заштитено од УНЕСКО.
„Ова се најстарите посмртни остатоци на хоминини досега регистрирани, постари за најмалку 100.000 години од доказите за остатоците на хомо сапиенс“, напишаа научниците во серија трудови што допрва треба да бидат рецензирани и објавени во списанието „Илајф“ (eLife).
Наодите го доведуваат во прашање тековното разбирање на човековата еволуција, бидејќи вообичаено се смета дека развојот на поголемите мозоци, овозможил изведување на сложени активности, како што е погребувањето на мртвите.
Најстарите претходно откопани гробници, пронајдени на Блискиот Исток и Африка, содржеле остатоци од хомо сапиенс и биле стари околу 100.000 години.
Оние пронајдени во Јужна Африка од истражувачкиот тим предводен од Бергер, чии претходни изјави беа контроверзни, датираат од периодот најмалку 200.000 години п.н.е.