Османи: Бугаризација се прави со пасошите, а не со Уставот

0
24

Недостигаат околу осум пратеници за потребното мнозинство за гласање на уставните измени, истакна министерот за надворешни работи, Бујар Османи на денешниот брифинг со новинарите.

Според министерот, добро е тоа што во законодавниот дом веќе почна расправата. За Османи во уставните измени нема ништо што е спорно. Тој е уверен дека Бугарија нема да излезе со нови условувања бидејќи гаранциите се во преговарачката рамка што ја имаат изгласано 27 земји членки, а протоколот не е дел од ниту едно поглавје.

„Во ниту едно поглавје од преговарачката рамка, во ниту една одредница за отворање на било кое од 35 поглавја, не е Договорот со Бугарија или Протоколот со Бугарија“, рече министерот тврдејќи дека нема да има понатамошна пречка од бугарска страна за отворање и затворање на преговорите.

Бранејќи го ставот за уставните измени, Османи рече дека секое доцнење за членството во ЕУ, носи нови бугарски пасоши. Министерот вели дека бугаризација не се прави со уставните измени, туку со земањето на пасошите.

„Со секое доцнење по еден ден на членство во Европската Унија една група Македонци добиваат бугарски пасоши. За да добијат бугарски пасош треба во Софија да се пишат дека се Бугари по потекло и дури да обезбедат и стан во кој престојуваат во Бугарија“, вели Османи додавајќи дека најголемо намалување на барањата за бугарски пасоши имало по Преспанскиот договор и членството на Македонија во НАТО, бидејќи, како што кажа, тогаш кај народот се вратила надежта дека и македонскиот пасош ќе има вредност.

Османи повтори дека ДУИ е подготвена веднаш да излезе од Владата ако ВМРО-ДПМНЕ гласа за уставните измени.