Денков: Нема причина за промена на бугарските позиции кон Македонија

0
76

Со спроведувањето на т.н Францускиот предлог, како резултат на кој беше укинато ветото, всушност разговорот веќе не е меѓу Бугарија и Северна Македонија, туку меѓу РСМ и ЕУ, вели бугарскиот премиер во интервју за „24 часа“

Нема причина Бугарија да го смени ставот кон С Македонија, вели бугарскиот премиер Николај Денков во интервју за „24 часа“ и додава оти очекува нашата земја да ги исполни обврските преземени од францускиот предлог.

На прашањето дали бугарскиот став кон Македонија ќе се смени затоа што некои политичари во Скопје се надеваат дека може да се случи нов европски притисок кон Софија, Денков рече:

„Категорично не. Со спроведувањето на т.н Францускиот предлог, како резултат на кој беше укинато ветото, всушност разговорот веќе не е меѓу Бугарија и Северна Македонија, туку меѓу РСМ и ЕУ. Она што се очекува е нашите соседи да ги исполнат обврските преземени кон ЕУ. Нема причина да го смениме нашиот став“,

изјави Денков.

Бугарскиот премиер денеска ќе учествува на лидерскиот панел на 18-то издание на Стратешкиот форум во Блед, Словенија, кое годинава се одржува под наслов „Солидарност за глобална безбедност, каде учествува и македонскиот премиер Димитар Ковачевски, придружуван од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и шефот на дипломатијата Бујар Османи.