Ковачевски: Од нас зависи колку брзо ќе ги исполниме условите, нашата цел мора да остане ЕУ

0
105

Како никогаш досега Европа е свртена кон и посветена на државите од Западен Балкан.

За релативно кратко време земјите од регионот имаат можност да ги интензивираат институционалните и структурните реформи, како и да ја зајакнат конкурентноста на глобалниот пазар, да ги искористат придобивките на дигитализацијата, технолошкиот и зелениот развој, како идни земји членки на Европската Унија.

Членството во ЕУ зависи и од ентузијазмот во Унијата за проширување и продлабочување на европските интеграции, но и од напорите на државите-кандидати да ги исполнат потребните високи критериуми и стандарди, преку почитување на фундаменталните европски вредности.

Овој процес е од заемна корист и за двете страни, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски во воведното обраќање на Скопскиот економски и финансиски форум (СЕФФ).

Како што истакна Ковачевски, ЕУ на земјите од Западен Балкан им даде вистинска шанса да се интегрираат во Унијата.

Особено е важен, нагласи премиерот, најавениот план за Западен Балкан од страна на претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лејен, која на форумот во Братислава во мај годинава ја промовираше заедничката цел на забрзување на евроинтеграцискиот процес.

Овој план, нагласи Ковачевски, отвори можности за многу побрза интеграција во Унијата.

Тој порача дека земјите од Западен Балкан заедно треба да бидат фокусирани на справување со предизвиците кои им стојат на патот на просперитетот.

-Нашата насока треба да биде јасна, како да се справиме со корупцијата во јавните набавки, во незаконското стекнување имот, во конфликтот на интереси, со нелегалните финансии.

Сите треба да ги зајакнеме нашите напори и да ги исполниме очекувањата на нашите граѓани.

Од нас зависи колку брзо ќе ги направиме реформите на патот кон ЕУ, колку брзо ќе ги исполниме условите, а од внатрешно-политичкиот дијалог зависи која динамика ќе ја следиме.

Но, едно е сигурно – нашиот фокус и цел мора да остане ЕУ.

Треба да се заложиме за зајакнување на капацитетите на институциите кои работат на превенција и рано откривање на корупцијата, за да спроведат успешни истраги и гонење на сторителите.

Ова ни е висок приоритет на агендата во процесот на пристапувањето кон ЕУ.

Ние припаѓаме на демократскиот и слободниот дел на Европа и како што ние, земјите од Западен Балкан имаме интерес да бидеме членки на ЕУ, ЕУ има голем интерес на Балканот да нема регионални конфликти, да има политичка стабилност, да има економски стабилни држави кои ќе се развиваат и ќе се усовршуваат, на демократски, административен, политички, безбедносен план.

Извор МИА.