КоССев: По Бањска, затворени повеќе од 20 алтернативни патишта од Косово кон Србија

0
42

Од избивањето на вооружениот конфликт во Бањска кај Звечане на 24 септември до денес, затворени се повеќе од 20 алтернативни патишта на северот на Косово, за кои се смета дека илегално водат кон Србија, објави косовскиот портал на српски јазик КоССев (kossev.info).

Покрај граничните премини Јариње и Брњак, договорени со бриселскиот договор (заедно со преминот кај Извор, кој не е отворен), косовските власти ги сметаат другите патишта меѓу Косово и Србија во таа погранична област за диви.

Заменик-командантот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Ељшани изјави за КоССев дека активностите за затворање на патиштата ги спроведува граничната полиција.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, станува збор за патишта лоцирани на териториите на општините Лепосавиќ и Зубин Поток.

Некои од патиштата се ископани со багери за да не можат да се користат, а други се затворени со големи бетонски блокови.

Затворивме повеќе од 20 патишта за кои сметаме дека се диви, односно дека водат кон Србија. Или се ископани со багери или поставени бетонски блокови, рече Ељшани.

Тој прецизира дека полициски единици патролираат на овие простори и дека досега немале никакви проблеми.

Ељшани наведува дека во овој период до косовската полиција пристигнала една поплака од жител на општина Лепосавиќ – дека поради затворањето на патиштата бил спречен да пристапи до главниот пат.

– Имавме еден таков случај и веднаш испративме претставка до граничната полиција, која најде решение, односно овозможи пристап до главниот пат, рече Ељшани.

Тој ги советува граѓаните од тој регион доколку се соочат со слични проблеми да ја контактираат косовската полиција.

– Доколку има такви случаи, би било добро граѓаните да одат во граничната полиција или, на пример, во полициската станица во Лепосавиќ или во Зубин Поток и да го пријават проблемот, рече Ељшани.

КоССев потсетува дека ова не е прв пат косовската полиција да затвора алтернативни патишта на северот на Косово.

Во февруари минатата година, исто така со багери, беа затворени неколку од овие, како што Приштина ги смета, нелегални патишта, со земјени бариери, како на северот на Косово, така и во правец кон Северна Македонија.

Патиштата тогаш се затворани со образложение на косовското МВР дека целта им била да го спречат шверцот на стоки.

Меѓутоа, тогаш КФОР, заедно со косовската полиција го овозможи отворањето на одредени патишта за движење на граѓаните на север.

Потоа, како што објавија медиумите во Приштина, од мировната мисија на НАТО изјавија дека ја поддржуваат Полицијата на Косово во спречувањето на шверцот, но и дека безбедносните мерки, кои имаат за цел да ја подобрат работата на полицијата и да одржуваат безбедна и слободна средина, „треба да бидат пропорционални со потребите на локалните заедници и слободата на движење на локалното население“.

На 24 септември во нападот на униформирана и вооружена српска група беше убиен припадник на косовската полиција, а во подоцнежната акција на полицијата, во борбите околу православниот манастир Бањска, загинаа тројца од напаѓачите, додека останатите успеаја да побегнат.

Во врска со нападот подоцна беа спроведени неколку рации на полцијата во општините во северно Косово населени со мнозинско српско население, во кои се пронајдени оружје, експлозиви и друга воена и логистичка опрема, за кои власите во Приштина тврдат дека ја докажуваат вмешаноста на властите во Белград во организацијата и спроведувањето на нападот.

иа/ .

Извор: МИА