Општина Тетово нема пари за пробивање на булеварот Илинденска, а ДУП-от за овој дел на градот ќе го финансира приватна фирма

0
59

Приватна фирма ќе изготви и ќе го финансира ДУП-от за населбата каде треба да се пробие булеварот „Илинденска“, но реализацијата на проектот ќе почека оти општината нема финансии.

Детален урбанистички план ќе добие населбата позната во Тетово како Цетинска кој ги опфаќа урбаните блокови 15,23,41 и 42. Донацијата на фирмата е изгласана од Советот на Општина Тетово како знак на добра волја на фирмата кон општинските власти.

„Советот на Општина Тетово прифати донација за Детален урбанистички план за населеното место познато под името „Цетинска“ во Тетово. Донација е во интерес на граѓаните оти таму нема ДУП, а за се што треба да се гради потребен е ДУП. Фирмата имала добра волја оти општината и излегувала во пресрет за сите градежните активности кои ги реализирала оваа фирма нормално согласност законот“, рече Бесарт Дурмиши Претседател на Советот на Општина Тетово.

Во тетовската населба Цетинска треба да се продолжи булеварот „Илинденска“ кој е изградена до објектотот на Македонски пошти. Но, пробивањето како што рекоа од општинските власти ќе треба да почека оти моментално општината за овој проект нема пари.

„Сега ние планираме за две години да ја раздолжиме општината и потоа треба да се предвидат средства за да се исплатат куќите за експропријација каде треба да поминува булеварот. Сега без пари не можеме да започнеме такви големи проекти, особено во период кога општината уште е задолжена“, вели Бесарт Дурмиши Претседател на советот на Општина Тетово.

Инаку во Тетово има четири булевари, но само еден од нив е пробиен. Годинава се проби дел од булеварот „Благоја Тоска“, но се уште останува да се пробие односно реализира третата фаза од ова важно сообраќајно грло во градот. Поради недовршените булевари, сообраќајот во Тетово се пренасочува по тесните улици и сокаци низ градот, создавајќи голем метеж и хаос.