Почина познатиот актер Жарко Лаушевиќ

0
44

Познатиот југословенски и српски актер Жарко Лаушевиќ почина на 64 години по кратко и тешко боледување.Датумот и местото на погребот дополнително ќе бидат соопштени, јави дописникот на МИА од Белград.

Кариерата на Жарко Лаушевиќ беше кариера која секој би ја посакал. Без разлика дали играше главна или епизодна улога, ликовите на Лаушевиќ редовно влегуваа во антологиите на најдобрите актерски остварувања на просторите на поранешна Југославија и Србија.

Жарко Лаушевиќ е роден на 19 јануари 1960 година во Цетиње. Тој беше филмски и телевизиски актер. Дипломирал глума на Факултетот за драмски уметности во Белград.

Бил член на Југословенскиот драмски театар во Белград, каде играл улоги во голем број претстави.

Своето филмско деби го имаше во 1982 година, со улога во филмот „Прогон“. Истата година игра значајни улоги во филмовите Савамала и Директан пренос. Многу брзо добива една од главните улоги во ТВ серијата Сиви дом (1984), која му донесе голема популарност. После тоа, играше улоги во повеќе од дваесет филмови и телевизиски серии, меѓу кои: Шмекер (1985), Свечена обврска (ТВ) (1986), Се случи на денешен ден (1987), Офицер со роза (1987), Браќа по мајка (1988), Битката во Косово (1989), Оригинален фалсификат (1991), Подобро од бегство (1993), Кажи ми зошто ме остави (1999), Нож (1999).

Жарко и неговиот пет години постар брат Бранимир, познат како Мили, на 31 јули 1993 година беа нападнати од група хулигани во близина на кафеаната „Епл“ во Подгорица. Во таа прилика Жарко со својот пиштол ЦЗ-99 ги уби напаѓачите Драгор Пејовиќ и Радован Вучиниќ, а тешко го рани Андрија Кажиќ, додека овој се приближуваше да им се придружи на напаѓачите. Лаушевиќ е осуден на 13 години затвор за двојното убиство.