Превртени возила откорнати дрвја, невремето направи хаос во Бугарија и Романија, има жртви

0
101
Фото: Твитер

Две лица смртно настрадале за време на викендот во невреме во Бугарија и Романија, кое предизвикало уривање на дрвја и прекин на електричната енергија на брегот на Црно Море.

Во саботата вечерта 43-годишна жена на смрт ја згмечило стебло во источниот град Варна, објави бугарската полиција. Повредени се и двајца спасувачи на кои паднале искршени гранки.

Во Софија загинал 65-годишен возач кога на автомобилот во кој се наоѓал паднало дрво. Неговата сопруга е хоспитализирана во тешка состојба.

Иако денес временската ситуација во главниот град се смирува, источна Бугарија и понатаму е изложена на силни ветришта, кои дуваат со брзина поголема од 100 км/ч, и морски бранови поголеми од пет метри.

Приморскиот град Варна прогласи вонредна состојба, како и уште осум места во регионот, а жителите се замолени да останат дома.

Снежен хаос владее и на североистокот на земјата, од каде полицијата примила десетици повици на возачи во неволја. Прекинати се воздушниот и железничкиот сообраќај.

Истото невреме ја погоди и соседна Романија. Таму за пловење се затворени црноморските пристаништа. Метеоролошката служба издаде највисоко, црвено предупредување за покраините Констанца и Тулцеа. Таму без електрична енергија останале десетици илјади домови, а пожарникарите отстраниле 140 стебла кои паднале на патиштата. Оштетени се четириесетина возила.