Стерјовски: Македонците во Албанија кои од економски причини аплицираат за бугарски пасоши, се под притисок на пописот да се изјаснат како Бугари

0
61

Партијата на Македонците во Албанија „Македонската алијанса за европска интеграција“ бара продолжување на пописот кој се одржува кај нашиот западен сосед и кој треба за заврши на 15-ти ноември. Поранешниот пратеник во албанското Собрание, Васил Стерјовски реагира дека голем дел од населението не е попишано.

Според него, пописот не е легитимен и истакнува дека Македонците кои од економски причини аплицираат за бугарски пасоши се под притисок на пописот да се изјаснат како Бугари.

Стерјовски вели дека бараат продолжување бидејќи во последните три недели од официјалниот старт на Пописот, жителите во македонските краишта не се попишувале бидејќи голем дел од луѓето кои живеат таму својата егзистенција ја обезбедувале со сезонска работа во соседните земји.

-Бугарите на дневна основа знаеја кој како се попишува во нашите региони, така што ние на крајот на самиот процес, официјално како политичка партија на Македонците во Албанија „Македонска алијанса за Европска интеграција“ ќе излеземе со официјален извештај и ќе ги објавиме јавно, вели Стерјовски.

Тој истакна дека пописот во Мала Преспа траел шест недели, но како што вели, реално, на терен се попишувало вкупно три недели.

Ова е 12-ти по ред попис, од кога Албанија е прогласена за независна држава во 1912 година и се случува 100 години по првиот попис, спроведен во 1923 година. Последниот попис во земјата беше во 2011 година. Планираниот, за 2021 беше одложен поради пандемијата со Ковид-19, а минатата година бидејќи „не биле обезбедени неопходните алатки за собирање информации на терен“.