Агелер: Во Македонија има епидемија на корупција, САД издвојиа 500 милиони долари за владеење на правото

0
138

Македонија тоне во корупција. Американската амбасадорка Анџела Агелер на брифингк со новинарите уште еднаш остра и децидна – издвоивме речиси 500 милиони долари за владеење на правото, а гледаме епидемија на корупција.

„Има епидемија на корупција во оваа држава. Таа е во секој сектор, секоја организација, и само со именување на корумпираните актери ние можеме да почнеме да ѝ помагаме на оваа земја да се справи со тоа“, вели Агелер.

Агелер оценува дека во последните 10 години има значително зголемување на корупцијата во земјата и вели дека црната листа на САД на која, само во последните 8 месеци, се најдоа повеќе познати имиња на политичари и бизнисмени, е обид да им се помогне на македонските власти да почнат да се справуваат со проблемите. Она што најмногу ја збунува американската амбасадорка е фактот што по секое објавено ново име на „црната листа“, „никој во Македонија не е изненаден, ниту меѓу граѓаните ниту меѓу официјалните претставници“.

Биснисменот Анѓушев кој е последното име кое осамна на црната листа најави дека ќе се жали на одлуката и според информациите на Агелер, тој веќе го сторил преку свој адвокат во САД, но тоа ништо нема да смени, вели таа.

„Ова не се сомнежи. Ние точно знаеме што направил Анѓушев,вмешан е во коруптивни активности, и тоа во повеќе случаи“, вели Агелер.

Покрај Анѓушев на црната листа поради корупција, претходно се најдоа и поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, актуелниот градоначалник на Струга Рамиз Мерко, како и бизнисмените Орце Камчев и неговата мајка Ратка Камчева и Сергеј Самсоненко со сопругата. На „црната листа“ завршија и пет фирми од Македонија кои се поврзуваат со нив. Друштво на листата непожелни им прават и поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски и лидерот на ДПА, Мендух Тачи.

Амбасадорката на САД го смета за позитивен чекорот на Владата која предложи предлог-закон со кој автоматски ќе се отвора истрага во Македонија за секое лице кое ќе се најде на црната листа на САД. Таквото правило досега беше законски регулирано само за лица кои се наоѓаат на листите на ЕУ.

Извор ТВ 24