Ковачевски им вети на борците: Македонија има херои на новото време, ќе го исполниме аманетот на партизаните и нема да дозволиме чекор назад

0
147

Премиерот Димитар Ковачевски на Сојузот на борците од НОВ и на сите македонски граѓани им вети дека ќе го исполни аманетот на партизаните и ќе го оствари и осигура посакуваниот напредок на земјата. Ветувањето го даде денес на промоцијата на монографијата „Сојуз на борците од НОАВМ и граѓаните (1948-2023)“.

„Како што за вас во Втората светска војна немало пречка и сте истрајале во предизвикот да имаме самостојна и независна Република Македонија така и мојата генерација ќе истрае и ќе имаме европска Македонија. Авторите и сите вклучени во монографијата во воведното обраѓање, прочитав, порачуваат ‘верувајте во своите предци и запомнете дека ниту една борба не е засекогаш завршена. Историјата се повторува, а секое време бара свои херои’. Јас ветувам на сите вас и на сите македонски граѓани дека овој аманет ќе го продолжиме. Република Северна Македонија има херои на новото време и нема да направиме ни чекор назад. На напредокот на нашата родна земја работиме и по партизанскиот аманет, посакуваниот напредок ќе го оствариме и ќе го осигуриме“, рече премиерот Ковачевски.

Во буџетот за 2024 година за првпат ќе има ставка за Сојузот на борците и уште сега, како што рече премиерот Ковачевски, се одвоени 1,2 милион денари за нивните активности.

Автори на монографијата се Љубица Јанчева и Александар Литовски. Изработката на монографијата е поддржана од Министерството за култура како музејска дејност и претставува прва соработка со Сојузот на борци.