Ковачевски: Повеќе инвестиции за модерно и продуктивно земјоделство преку мерката „Бизнис план“

0
146

Ковачевски заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод доделувањето на договорите на земјоделците кои се поддржани со новата мерка „Бизнис план во земјоделството“.

На настанот, премиерот Ковачевски, министерот Николовски, директорот и заменик-директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски и Ремзи Абдулахи, како и државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Реџаил Исмаили доделија договори на земјоделците кои ќе ја користат поддршката во форма на кофинансирање во висина до 10.000 евра по корисник.

„Денес доделуваме 206 договори на индивидуални земјоделци поддржани преку мерката ‘Инвестиции во модернизација на земјоделските стопанства’ или популарно наречена мерка ‘Бизнис план’ од Програмата за рурален развој, која ја воведовме за прв пат како дел од најголемата земјоделска реформа.

Со новата мерка „Бизнис план“, овозможивме помош во висина до 10.000 евра како ко-финансирање за набавка на производствена опрема и механизација.

Земјоделците имаат можност да набавуваат земјоделска механизација, како пчеларска опрема, силоси, опрема во објекти за производство на храна од животинско или неживотинско потекло, опрема за навигација и смарт земјоделство на постоечки трактори, комбајни и приклучна механизација и широка лепеза на друг вид опрема со која сме во чекор со потребите и современите светски трендови“, истакна премиерот Ковачевски, во неговото обраќање на настанот, додавајќи дека со оваа мерка се инвестираат 1,5 милиони евра за поддршка на земјоделците при набавка на опрема.

Премиерот Ковачевски, во своето обраќање ги потенцираше мерките кои се преземаат во насока на поддршка на земјоделството и нагласи дека Владата е партнер на земјоделците. При тоа, премиерот ја спомена финансиската поддршка за малите производители на храна, за малите семејни винарии, за малите дестилерии, како и за младите земјоделци, жените земјоделки и поддршката во рамките на ИПАРД програмата.

„Целта на секоја држава е да произведе повеќе домашна храна. Затоа, ставивме силен фокус на зголемување на домашното производство на земјоделски производи и храна, преку конкретни мерки од кои придобивки имаат и земјоделците меѓутоа и граѓаните. Реализираме еден од нашите врвни приоритети – со повеќе инвестиции за модернизација, до стабилно, продуктивно земјоделство и задоволни земјоделци. Ги помагаме нашите вредни земјоделци, за остварување на нивните визии за добар бизнис, поквалитетно домашно производство и побогати приноси. Овозможуваме тие да се профилираат и да станат поконкурентни и на домашните и на странските пазари“ рече премиерот Ковачевски.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски во своето обраќање рече дека мерката „Бизнис план“ е воведена за прв пат годинава, а денес се финализира со бројки за почит.

„Оваа мерка се покажа како една од најдобрите, најпотребните или народски кажано полн погодок. Сме успеале да допреме до сржта на очекувањата на земјоделците, да им го дадеме токму тоа што го сакаат и што им треба. Одобрени се 206 апликации.

Тоа се 206 одлични идеи за земјоделски бизнис. Ова значи дека сме покренале лавина од мисли, идеи, предлози, тоа е лавина од нова надеж кај земјоделците и нивните семејства, нова желба за работа, нов поттик, ново ентузијастичко размислување дека државата силно ги поддржува земјоделците, со неповратни финансиски средства во форма на грант до 10.000 евра по корисник“, истакна министерот Николовски на денешниот настан.

Во прилог документ со интегралното обраќање на премиерот Ковачевски, соопштуваат од Владата.
Из Канал5.