Масовен протест во центарот на Белград, се бара поништување на изборите

0
107

Протестот беше организиран од група јавни личности собрани околу иницијативата „ПроГлас“, а на собирот по 24-часовната блокада на патиштата се приклучија и студенти, барајќи да се отвори избирачкиот список и да се утврди кој и со кое право гласал, особено во Белград.

На насобраните им се обратија поединечни иницијатори на ПроГлас, актерката Светлана Бојковиќ, универзитетските професори Миодраг Јовановиќ и Филип Ејдус и студентите кои со денови организираат повремени блокади на улиците во Белград.

Во предизборната кампања таа иницијатива повика на масовен одзив на гласачките места, со порака дека „на Србија не ѝ треба култ на личност, туку слободни граѓани кои управуваат со односите во сопствената земја“.

На денешниот протест, зборуваа и носителите на изборната листа на опозициската коалиција на левиот центар „Србија против насилство“ Мирослав Алексиќ и Мариника Тепиќ, кои започнаа штрајк со глад на 18 декември, поддржувајќи ги барањата за поништување на изборите, пред се во Белград.

Тепиќ на 13-тиот ден од штрајкот со глад ги поздрави граѓаните на протестот и рече дека единствено што има да каже е дека изборите мора да се поништат.

Мариника Тепиќ, која повеќе од една недела прима инфузија, на бината ѝ помогнаа колегите од опозицијата Радомир Лазовиќ и Мирослав Алексиќ, кои насобраните ја поздравија со стисната тупаница и на работ на солзи. „Единствено што можам да ви кажам е дека ви кажав сѐ и дека изборите мора да се поништат“, рече Тепиќ.

Еден од лидерите на опозициската коалиција „Србија против насилство“, Здравко Понош изјави дека „ова не е завршена работа, ни претстои борба на сите фронтови, и на улица и во институциите“.

„Вучиќ, крадецу“, „Крадци, арамии“ извикувала толпата.

Заеднички именител на пораките од митингот е дека изборите се „очигледно украдени“ и мора да се поништат и повторат под подобри и пофер услови.

Демонстрантите со црвени картони во рацете маршираа до седиштето на Државната изборна комисија, а потоа до Уставниот суд.

Според официјалните податоци, Српската напредна партија (СНС) на претседателот Александар Вучиќ на предвремените парламентарни избори на 17 декември освоила 46,72 отсто од гласовите.

Дополнително, таа оствари тесна победа во Белград, каде опозицијата смета дека имала повеќе гласови, но дека ѝ биле украдени со бројни злоупотреби и изборен инженеринг, заедно со носењето гласачи од БиХ и српските градови каде што немало локални избори, објави хрватски Индекс.