Пендаровски: Одложувањето на уставните промени ќе нè чини една деценија надвор од евроинтеграциите

0
168

По изборите следната година, без оглед како ќе одлучат македонските граѓани, две работи се клучни за државата: одржувањето стабилни меѓуетнички односи и западната ориентација во надворешната политика, односно продолжување на европската интеграција, порача претседателот Пендаровски.

Уставните промени, односно евроинтеграциите, високата корупција, нискиот рејтинг на судството, демократијата, владеењето на правото, демографијата… беа главните теми за кои говореше претседателот на државата Стево Пендаровски во неговото вчерашно редовно годишно обраќање во Собранието, последно во овој мандат. Во собраниската сала беа пратеници членови од сите партии, претставници на дипломатскиот кор, на верските заедници, првите луѓе на најважните државни институции и други гости.

Говорејќи за уставните промени, шефот на државата порача дека поделбите во македонското национално ткиво за ова прашање се контрапродуктивни за виталноста на нашата кауза.

– Со одлагање на уставните промени, ќе пропуштиме уште една можност што може да нè чини најмалку уште една деценија надвор од интеграциите, а тоа ќе значи, помал економски прогрес, полош стандард за граѓаните и поголемо иселување. Во таа деценија сигурно нема да ги вратиме младите од Канада, Австралија и Нов Зеланд, ниту од новите дестинации на емигрантска Македонија – Емирати, Малта, Хрватска или Словенија. Поделбите во македонското национално ткиво за ова прашање се контрапродуктивни за виталноста на нашата кауза. Во таа смисла, обновените странски пропаганди „одлично“ си ја вршат својата работа, практично без прекин, повеќе од еден век, така што нема потреба ние дополнително да копаме за да го продлабочиме јазот меѓу нас. Во однос на уставните промени, идниот собраниски состав ќе мора да ја продолжи дебатата врз реални основи и со далеку почесен однос кон македонската јавност. Кристално јасно е дека Европската рамка не може да се промени на подобро, ниту билатералниот договор со Бугарија, независно кој е на власт во Брисел или во Софија – рече Пендаровски.

Слободен Печат.