АСОМ: Граѓаните не смеат да бидат измамени, подготвени сме да ги блокираме сите улици

0
117

Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ), заедно со Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа во автомат клубови и казина (АПИС), денеска одржаа јавен собир пред Собранието и ја блокираа улицата „11-ти Октомври” со цел да го искажат својот револт против носењето на новиот предлог Закон за игри на среќа.

Поводот беше денешната закажана седница на Комисијата за европски прашања каде на дневен ред е второ читање на предлогот за изменување на Законот за игрите на среќа, со што истиот е на чекор пред конечно донесување на пленарна седница во Парламентот.

Во својата изјава за медиумите, претседателот на АСОМ Васко Илијевски порача дека овој јавен собир и блокирањето на улицата пред Собранието е само прв во низата, сè додека не се слушне нивниот глас и се стави крај на ова бескрајно самоволие на Власта.

„Подготвени сме да ги блокираме сите улици за сите наши вработени го изразат својот бунт и протест против ова што им се случува”, рече Илијевски.

Тој повтори и дека носењето на штетниот закон не е ништо друго освен штитење на бизнис интересите на поединци во власта. „Целта на овој закон е да се затворат легални домашни компании за да може Владата преку новите онлајн страници со странски компании од Бугарија да си го преземе бизнисот. Граѓаните не смее да бидат измамени, зад плаштот за наводна грижа за нив се носи закон кој има целосно друга цел”, порача тој.

Претставникот на АПИС, пак, Горан Стоименов, потсети и на небулозните предлог измени во контекст на оддалеченоста на објектите од училиштата.

„Потценување на интелигенцијата е да се тврди дека дистанцата од 500 метри од образовни институции е заради заштита на младината, кога во исто време државата овозможува преку интернет, игрите на среќа да станат достапни буквално на секој мобилен и статичен уред”, рече Стоименов.

Во своето обраќање, Илијевски ги повика и пратениците да не одат против здравиот разум и против повеќе од 10.000 вработени во секторот, кои од оваа работа го вадат својот леб и ги ранат своите деца.

24info.mk