Герилци од Европскиот сојуз за промени со транспаренти го пречекаа Груби

0
147

Рехабилитирана магистралата од Скопје кон Блаце во должина од 10 километри. Вицепремиерот Груби, министрите Бочварски и Бектеши, неколку директори на институции кои немаат никаква врска со патна инфраструктура и десетици членови на ДУИ го промовираа завршувањето на патниот правец.

Но, пред да пристигнат владините претставници се појавија герилци од Европскиот сојуз за промени со транспаренти за енормно високите трошоци за изградбата на автопатот кој треба да води до Граничниот премин. Стоеја на страна и чекаа да завршат изјавите на владините претставници, но десетиците членови на ДУИ успешно ги скрија од камерите.

Груби рече дека тие во минатото му биле „фанови“.

– Многу интересно, тие позади кога беа мои фанови беа покреативни. Сега кога веќе не се, воопшто не се. Наместо да понудат нешто за граѓаните што ќе направат подобро, доаѓаат да направат упад, вели Груби.

Прашан зошто рехабилитација на пат промовираат директори на институции како Бирото за Метрологија, Груби вели дека членовите на ДУИ ја ветувале оваа патна делница.

– Затоа сме сите заедно тука, затоа што всушност се радуваме на завршен проект, вели Груби.

Герилците го нарекоа „циркузант“.

Магистралата доби нов изглед и ќе води до Граничниот премин Блаце.

– Се прошири на неколку метри и сега ширина на патот е 7,7 метри. Средствата беа обезбедени од ЕБОР во висина од 3,8 милиони евра, вели Рустеми.

До Блаце ќе има два пата, магистралата, но и историскиот автопат долг 12 километри. Рустеми очекува трасата од два километри да биде пуштена на пролет, но веќе со години слушаме дека се бара фирма која ќе ги изгради останатите 10 километри.

Токму бавната работа и високите трошоци се најспорни за опозицискиот блок на албански партии. Оттаму велат дека еден километар граѓаните ги чини околу 15 милиони евра.

– Вредноста на договорот изнесува 14,5 милиони евра. Во моментот надминува 30 милиони евра преку дополнителните анекс договори. Јавно прашуваме, зошто намерно се одолговлекува изградбата на овој пат? Дали сака ДУИ пред секој изборен циклус да се промовира со овој пат, вели Фари Хасани, портпарол на Европскиот сојуз за промени.

Државата се уште преговара со кинеската Синохидро за изградбата на историскиот автопат Кичево – Охрид. Рустеми вели дека се уште нема нов рок за завршување на автопатската делница. Тој треба да се утврди во преговорите со кинеската компанија, а потоа владата да го одобри.