САД бараат од Косово да ја преиспита одлуката за укинување на динарот

0
116

Соединетите Американски Држави ја повикаа владата на Косово да размисли за одлуката за укинување на динарот, така што од 1 февруари единствена валута на Косово би било еврото.

„Загрижени сме дека указот усвоен на 27 декември негативно ќе влијае на српската заедница на Косово“, се наведува во одговорот на портпаролот на амбасадата на САД на Косово.

Се додава дека владата на Косово би требало да се консултира со заедниците кои оваа одлука ги погодува, и да обезбеди доволно време за спроведување на одлуката за да се ублажи нивното влијание на граѓаните.

Централната банка на Косово на 17 јануари соопшти дека од 1 февруари единствена валута за вршење на готовинските и платежните трансакции ќе биде еврото. Таквата одлука, како што соопштија, ја донеле врз основа на уставот на Косово и законите.

Од друга страна, со стапувањето на таквата одлука на сила неизвесно е понатамошното исплаќање на платите на вработените во српските институции на Косово, пензиите, детските додатоци или социјалната помош. Овие исплати од буџетот на Србија до сега се вршеа во динари, инаку официјална валута на Србија.

Динарот до сега се користеше и во трговските објекти во сите српски средини на Косово.

Портпаролот на американската амбасада на Косово наведува дека и планот на Марти Ахтисари предвидува Србија да има право да им пружа финансиска помош на припадниците на српската заедница на Косово.

Планот на Ахтисари е документот врз основа на кој е еднострано прогласена независноста на Косово, изработен е уставот и законите на Косово.

„Поради тоа продолжуваме да го поттикнуваме Косово да ја исполни својата обврска околу формирањето на Заедницата на српски општини. Заедницата е примарниот механизам низ кој Србија би можела транспарентно да им пружа финансиска поддршка на институциите и поединците во косовската правна рамка“, наведува американската амбасада во Приштина.

Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово е договорена во рамки на дијалогот на Белград и Приштина и Србите на Косово за да се пружи одредено ниво на независност од приштинската влада.

Амбасадата на САД на Косово кажа и дека на граѓаните на Косово кои добиваат финансиска помош од Србија им е потребен пристап до функционален, легитимен механизам преку кој можат да ја добијат таа поддршка.