Се кратела ли терапија од пациенти, се препишувале ли лекови на починати, каде завршиле скапите лекови – хаос во документацијата на Онкологија

0
136

По отворањето на истражна постапка против пет лица за скандалот „Онкологија“, обвинителството излезе со подетални информации за истрагата.

Сепак во интерес на истрагата се уште не се обелоденуваат сите информации за прашањата кои ја интересираат јавноста. По избивањето на скандалот, јавноста и пациентите очекуваа да дознаат дали се кратела терапија од пациентите, дали се препишувале лекови на починати пациенти, каде завршиле лековите, дали на пазарот во Косово, Албанија и каде завршиле парите?

Според она што досега го објави Обвинителството, намерно е направен хаос во документацијата на Онкологија. Обвинителството вели не се најдени податоци дека се препишувани лекови на починати пациенти, а прегледани се 25 илјади електронски записи и 500 физички записи. ФЗО прави вонреден надзор со словенечки експерти, па не е исклучена можноста за проширување на истрагата. Обвинителството повторно апелира и до сите пациенти да се јавуваат во Јавното обвинителство и да ги пријавуваат сите евентуални незаконитости и злоупотреби на кои биле сведоци

Од она што се знае засега, нема докази за дадено помалку лекови или физиолошки раствор, но биле препишувани скапи биолошки лекови од новите генерации, на ден пред смрт на пациентите, иако се знаело дека нема лек за пациентот, велат од обвинителството.

„Тоа не значи дека е кратена или не е давана терапија, бидејќи во овој момент такво нешто не се докажа. Ова значи, народски кажано дека е требувана вишок терапија на име на пациентите. Раздолжувана е терапија повеќе од тоа што треба пациентите да го примат. Биле издавани (препишани) скапи лекови од новите генерации на имуно терапија на ден пред смртта на пациентот – а ова значи дека кога веќе било очигледно дека од апликацијата на таквиот лек дека нема да има бенефит поради статусот на пациентот, тие биле давани. Дали се дадени или не се дадени ние не можеме да тврдиме“, рече обвинителката Ана Гоговска-Јакимоска.

A1on.mk