Митрески: Собранието ќе функционира до крајот на март или до првите денови на април

0
103

Станува збор за почитување на Уставот и уставните рокови, предвидени за одржување на избори, зашто редовни парламентарни избори се случуваат првпат по 16 години. Постои мала забуна во јавноста во смисла на функционирањето на Собранието, затоа што кога се одржуваат предвремени парламентарни избори, парламентот се распушта со одлука за распуштање што ја гласаат пратениците, а во овој случај Собранието работи до крајот на својот мандант. Впрочем, ако ја земаме таа практика за работа на Собранието до пред почетокот на кампања, значи Собранието би функционирало некаде до крајот на март или првите денови на април.

Ова го изјави претседателот на Собранието Јован Митрески во емисијата „360 степени“ на МРТ 1 во врска со распишувањето на изборите. Митрески посочи дека во Уставот е наведено дека изборите се распишуваат од 70 до 90 дена пред нивното одржување, односно некаде кон средината на февруари.

Направив консултација и со Државната изборна комисија во смисла на броење на деновите што би значело тоа. Денес имам конечен заклучок дека претседателските избори ќе ги распишам на 14 февруари и планот ми е на истиот ден да ги распишам и парламентарните избори – рече Митрески.

Собранието во меѓувреме мора да функционира, нагласи собранискиот спикер, зашто државата мора да функционира и во периодот од 100 дена за време на мандатот на техничката влада.

– Техничката или преодната влада, исто така, има можност да пушта во процедура како овластен предлагач закони, извештаи, точки на дневен ред. Примарната задача е обезбедување фер и демократски избори, меѓутоа државата мора да функционира и овој период од 100 дена на техничка влада – истакна Митрески.

Митрески првпат е избран за поратеник на парламентарните избори во 2014 година, а потоа и на изборите во 2016 и 2020 година.

Првпат по 16 години во земјава се одржуваат редовни парламентарни избори, но оваа година имаме и претседателски избори. Собранието ќе продолжи активно да работи до почетокот на кампањата, што е доволен период да се расправа за повеќе законски предлози што се доставени и од Владата и од пратениците, како овластени предлагачи – порача претседателот на Собранието.

Времето покажа дека заложбите за наше зачленување во НАТО се покажаа правилни, тоа се потврди и овој период по агресијата на Русија врз Украина, кога нашата држава како земја членка на НАТО има далеку побезбедна иднина отколку ако беше надвор од овој Сојуз, вели претседателот на Собранието.

– Силно верувам дека нашата држава ќе продолжи успешно да чекори по евроинтеграцискиот пат, да работи на имплементирање на европските вредности и стандарди и да обезбеди побрз економски развој и напредок за своите граѓани – нагласи Митрески.

Из С.П.