Од утре на работа во Србија и Албанија исто како дома, стартува единствениот пазар на труд на Отворен Балкан

0
127

Единствениот пазар на труд на Отворен Балкан, чии членки се Северна Македонија, Србија и Албанија, започнува утре, 1 март, што значи дека сите граѓани на овие држави со наједноставна процедура ќе можат да се вработат во која било од земјите од оваа иницијатива, јави дописникот на МИА од Белград.

Слободниот пристап до пазарот на трудот од околу 11 милиони жители се очекува да го спречи понатамошниот одлив на мозоци и младите од регионот преку нудење можности за вработување, но и да одговори на зголемените барања за квалитетен кадар, како на локални така и на меѓународни компании кои работат во регионот.

Граѓаните на Србија, Северна Македонија и Албанија, кои сакаат да се вработат во некоја од членките на Отворен Балкан или веќе нашле работодавач, треба да имаат матичен број за кој ќе можат електронски да се регистрираат во неколку чекори. Ова значи дека треба да пополнат формулар на платформата (eУправа) и да приложат валиден биометриски документ. Врз основа на доставените податоци, надлежните органи преку платфотмата еУправа генерираат единствен идентификациски број на Отворен Балкан (IDOB).

После тоа, заинтересираната страна може да пристапи до порталот за еУправа на одредена земја и да поднесе барање за слободен пристап до пазарот на трудот. Одредената земја по проверка ја донесува конечната одлука. По добивањето на одобрението, заинтересираното лице може да се вработи, под исти услови како локален граѓанин на државата, до две години, а по истекот на овој периодот може да се продолжи престојот т.е. рокот на работната дозвола.