Бајден: Путин нема да застане на Украина, ве уверувам

0
88

Бајден, во говорот што траеше 68 минути, потсети на обраќањето на поранешниот претседател Френклин Рузвелт пред Конгресот во јануари 1941 година, за време на германската војна низ Европа.

„Се наоѓаме во момент без преседан во историјата на Соединетите Држави со кој треба да се соочиме“, рече Бајден.

Бајден зборуваше за важноста да се продолжи да ѝ се помага на Украина, која е во војна со Русија повеќе од две години.

„Целта на моето обраќање е да го разбудам Конгресот и да го предупредам американскиот народ дека демократијата е под закана. Ако некој овде мисли дека рускиот претседател Владимир Путин ќе застане на Украина – ве уверувам дека нема“, рече Бајден.

Тој потсети дека на Украина ѝ е потребна воена помош и оружје за да се одбрани од Русија и дека не ѝ требаат американски војници и персонал.

„Нема американски војници во Украина. Решен сум да остане така“, рече Бајден.

Бајден го критикуваше поранешниот американски претседател Доналд Трамп за коментарите во кои рече дека ја охрабрува Русија да прави што сака со земјите од НАТО кои не трошат доволно пари за одбрана.

„Мислам дека тоа е нечуено, опасно и неприфатливо“, рече Бајден.

Бајден не го спомна Трамп по име, осврнувајќи се на него како негов претходник и поранешен републикански претседател, но ги употреби зборовите „мојот претходник“ 13 пати, наведува АП.

Американскиот претседател се осврна и на насилниот упад на Конгресот на 6 јануари 2021 година.

„Насилниците не се патриоти. Тие сакаа да го запрат мирниот трансфер на власта и да ја поништат волјата на граѓаните. Дојде моментот на вистината – не можете да ја сакате својата земја само кога победувате“, рече Бајден.