Демири: Ако треба, ќе се донесат законски измени за казнување антиваксери

0
115

Министерот за здравство доктор Илир Демири им објави војна на антиваксерите. Вакциналниот опфат во земјава за задолжителната вакцина, не е на задоволително ниво, во Скопје има епидемија на голема кашлица, а демне и опасноста да се појави нова епидемија на морбили како што имаше во 2019 година. Затоа, министерот за здравство најави дека ќе предложи законски измени со кои сите луѓе кои почнуваат антивакцинални кампањи, ќе бидат казнувани. Освен тоа, Демири истакна дека сите доктори во јавното и приватното здравство треба да се вакцинирани и да бидат амбасадори на вакцинацијата. Сликата на терен е поинаква, па има доктори што им советуваат на родителите на мали деца „да не ставаат вакцина додека детето не прооди и не почне да зборува”. Згора на тоа, во земјава функционира здружение кое јавно се залага против вакцинацијата, правно се залага за наводното „право на информирана согласност“ поради што има голем број на родители кои имаат неодговорени прашања и потпаѓаат под нивното влијание.

Земам јавна обврска да се испита како е засновано тоа здружение на антиваксери и под кои законски принципи функционира. Тоа треба да се види. Секоја изјава во медиуми треба да се проследи и да се види точно што стои зад такви антиваксерски кампањи. Не знам законски каква е можноста да се атакува на тие структури, но ако има потреба ќе влијаеме и да се сменат законите со кои ќе се казнуваат сите луѓе кои почнуваат некаква си кампања против вакцинацијата, изјави министерот за здарвство, доктор Демири.

И дел од лекарите се антиваксери. Лекарска комора има сознанија за лекари кои на социјалните мрежи објавуваат ставови против вакцините и дезинформации, ама социјалните мрежи се сива зона каде се бара модус како да се делува.

-Имам фотографии од Фејсбук статуси каде колешка пишува против вакцините. Имам слушнато за уште една колешка. Се обратив до Комисијата за заразни болести заедно некако да направиме механизам за пациентите што добиле информација дека вакцините не се добри, да добијат шанса да ги добијат вистинските информации, изјави претседателката на Лекарската комора, професор доктор Калина Гривчева Старделова.