Општина Тетово прати инспекција во Музејот на тетовски крај откако установата реши да постави бисти на херои од НОБ

0
157

Општински инспектори вчера наутро влегле во Музејот на тетовски крај откако оваа установа реши бистите на народните хеорои Тодор Циповски Мерџан и Ѓоце Стојчевски Амбарче да ги постави во дворот на музејот.

Директорот на установата Миќо Стојчески е вчудоневиден од ваквите активности на локалната самоуправа оти како што вели тие се државна институција и за секој чекор што го преземаат се консултираат со Министерството за култура, објави СП.

„Вчера наутро дојдоа инспектори од урбанизам, пет луѓе дојдоа. Се дигна некоја фама. Едноставно не е нивна ингеренција, ова е музеј имаме право да поставиме бисти, да се изложат времено и трајно ако треба. Ние имаме статус, имаме управен одбор, имаме комуникација со Министерството за култура и не знам зошто по кој повод дојдоа да направат притисок. Ние им дадовме до знаење дека немаат надлежност ова е имот на Република Македонија, имот на Националната установа Музеј на тетовски крај и докажавме и дадовме документ дека ова е наша надлежност и дека нивните надлежност завршува кај вратите на музејот“, рече Миќо Стојчески директор на Музејот на тетовски крај.

Стојан Петрушевски од Сојузот на борци Тетово, вели дека општината 20 години била глува на нивните барања да се постават бистите на хероите во центарот на градот од каде во 2005 незаконски биле остранети од тогашната локална самоуправа по реконструкцијата на градскиот плоштад. Иритира фактот што во Тетово на диво се поставуваат споменици, а хероите на НОБ градската власт ги остранува, а потоа реагира зошто се поставени и изложени во музеј, установа под државна капа.

„Уште во 2005 година со уредување и реконструкција на плоштадот отстранети се бистите без да бидеме ние како организација известени. Среќна околност што изведувачот ги сочувал бистите и ние на случаен начин ги откривме каде се наоѓаат, ги презедовме и ги сместивме во соодветни простории. Долги години тие бисти стојат во канцеларија. Нивното место е да се постават каде што ќе можат граѓаните да ги гледаат и да ги чествуваат тие паднати борци. Ние како организација се обраќавме до локалната самоуправа повеќе пати да ги вратат бистите онаму каде што им е местото. Ние бевме свесни дека тоа не може да се случи на истото место, но изработивме проект да се постават пред Споменикот на револуција, како најсодоветно место. Не наидовме на разбирање кај локалната самоуправа. Се изредија тројца градоначалници, меѓутоа се гледа дека тоа не може да се случи во догледно време. Од тие причини ние одлучивме како Сојуз на борци да ги поставиме бистите во музеј, како преодно решение, додека не најдеме разбирање од локалната самоуправа да ги поставиме каде што им доликува. Наидовме на разбирање од Музејот на тетовски крај и се поставени. Не иритира реакција на локалната самоуправа зошто сега се поставени бистите, ако може пред Домот на културата да се постави Наим Фрашери, а домот носи друго име на Иљо Антески Смок , а ова не може да се постави во музејот“, рече Стојан Петрушевски од Сојузот на борци Тетово.

Инаку денес Музејот на тетовскиот крај во Меморијалниот центар спомен куќа на ЦК на КПМ го одбележа 19 Март Денот на формирањето на Комунистичката партија на Македонија. Пред точно 81 година во старата градска населба Два Бреста во куќата на семејството Јовановци се удриле темелите на државотворноста и организираната борба за народно ослободување на Македонија.