Отворена нова база на НАТО во Албанија

0
132

Во Кучово, Албанија на 4 март официјално беше отворена воздухопловната база на Северноатлантскиот сојуз.

Албанија, членка на НАТО која нема свои борбени авиони, отвори реновирана воздухопловна база од времето на комунизмот за да им служи на авионите на НАТО поради зголемената закана од Русија, рече премиерот на земјата Еди Рама.

Албанскиот министер за одбрана, Нико Пелеши, изјави дека базата во Кучово ќе биде стратешка точка за операциите на НАТО и за одбраната на мирот.

„Од источниот фронт се очекува сè. И ние мораме да бидеме подготвени да се браниме со единствената победничка формула што е пред нас: обединување на нашите одбранбени сили и капацитети“, истакна Пелеши.

Активностите за реконструкција на базата започна во јануари 2022 година. НАТО инвестираше околу 50 милиони евра, а албанската влада повеќе од пет милиони евра.

„Ова е база која ќе додаде уште еден елемент на безбедноста за нашиот регион на Западен Балкан, за кој сите знаеме дека е регион загрозен од заканата и неоимперијалистичките амбиции на Руската Федерација“, рече Рама за време на инаугурацијата.