СПАСЕНА ТУРИСТКА ОД АВСТРИЈА: хеликоптер ја евакуирал од Попова Шапка поради специфичната повреда

0
213

Туристка од Австрија која се повредила при слободно скијање кај месноста „Орлов Камен“ на Попова Шапка е спасена денеска благодарение на брзата акција на екипите.

Како што јавија од Центарот за управување со кризи, на Единствениот повикувачки број за итни повици 112 во ЦУК во 14:20 часот волонтер од Охридска спасителна служба, којшто е и водич на туристичка група – скијачи од странство, пријави дека туристка од Австрија при пад во слободно скијање кај месноста „Орлов камен“ на Попова Шапка се здобила со повреда на ребрата.

– Заради сериозноста на повредата, а и други здравствени специфичности, не била во можност да се движи. Побаран бил хеликоптер за спасување за транспорт до болница, при што директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, беше во директна комуникација со спасителите. При комуникацијата на спасителите со повредената туристка, таа информирала дека претходно имала операција на рбетниот столб и на него имала вградена метална шипка со штрафови – посочија од ЦУК.

На местото на настанот пристигнал ратрак и луѓе за поддршка, но состојбата на повредената и комуникацијата со нејзе, индицирала дека транспортот со ратрак заради проблемот со ’рбетот од минатото, како и сегашната дополнителна повреда, би довел до поголеми компликации.