Тетовски пензионери: Се се поскапува, страдни сме едно млекце да купиме

0
190

Пензионерите најпогодени откако престана да важи одлуката за замрзнати цени. Тетовските пензионери велат дека секој ден гледаат нови цени на рафтовите, а тоа што највеќе загрижува е што се зголемуваат цените на основните прехранбени производи

„Ние протестиравме за повисоки пензии, но бадијала. Скапо е се за нас, особено за тие кои имаат помала пензија, секој ден е се поскапо, нема ништо поефтино само се поскапува, не знам ова до каде ќе оди.Секој ден е се поскапо, млекото кисело беше 30 денари 400 грама, сега е 34 денари. Срамота е за едно млекце да страдаме“, вели Абдулрезак Рустеми тетовски пензионер.

Велат дека пензионерите се едни од најранливата категорија граѓани, но тетовските го допреле дното оти има и такви на кои на сметката им стига пензија од 8000 денари и тоа заедно со владината помош од 3000 денари.

„Има пензии и од 8000 денари и тие пензиии се со тие 3000 денари кои ги дава владата, значи тој претходно не земал ниту 100 евра.Но, што ќе направиш со тие 3000 денари, ништо. Треба да се покачи пензијата, очекуваме линеарно најубаво е така, но одговорните пак знаат најдобро, додаде Рустеми.

Рустеми речиси секој ден е во Здружението на пензионери Тетово, каде заедно со неговите сограѓани ги споделуваат маките.

Неодамна ги посети техничкиот министер за труд и социјална политика Ѓоко Велковски на кого му се пожалија дека со покачувањето на пензии за 5% за само одредена група на пензионери не може да се преживее.

„Оваа понуда којашто ни ја даде Владата не е доволна оти 5% е многу малку. Колкава е инфлацијата и колкави се животните трошоци. Се зголемуваат цените и пензионерите се во многу тешка состојба. Јас реков дека мора да се смени Законот за пензиско и инвалидско осигурување за да се вметне и линеарното зголемување. Имам и колеги кои имаат повисоки пензии и ние сите се солидаризиравме со пензиониерите со пониски пензии, но треба покачување на сите пензии“, рече Селвер Мемети, претседател на Здружението на пензионери Тетово.

Техничкиот министер пак Велковски изјави дека над 100.000 пензионери земаат пензија под минималната плата.Кажа дека сега како технички министер ги согледува и анализира проблемите, а потоа ќе се пристапи и кон решавање на истите.

Извор СП