Чудотворна икона на Свети Георгиј Победоносец в сабота ќе пристигне во манастирот во Рајчица

0
161

Во познатиот женски манастир „Свети Великомаченик Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица, манастирската слава во спомен на свети Григориј Палама, ќе биде одбележана, меѓу другото, со пристигнување на изобразба на чудотворната икона на светиот великомаченик Георгиј Победоносец.

-Станува збор за идентична изобразба на чудотворната икона на Светиот Великомаченик, којашто кон крајот на 15 век, на манастирот Зограф во Светата Гора Атонска му ја подарил големиот добротвор на православните Светињи, легендарниот молдавски војвода Свети Стефан III Велики. Ни претставува неизмерна чест и големо задоволство да ги информираме верниците за ова претстојно духовно торжество, што се случува во навечерието на втората недела од чесниот и велик пост, рече за МИА сестра Ефимија.

Додаде дека со оваа идентична изобразба трајно ќе биде запечатен и светогорскиот благослов за Рајчица, но и за целата држава, од молдавска светиња во Зограф. Иконата претходно ќе биде осветена во Градината на Пресвета Богородица, во двата манастира на Великиот Победоносец, Ксенофонт и Зограф, и ќе биде свечено донесена како моќен чувар на Раичкото сестринство, но и за благослов и поткрепа на сите кои со вера ќе ѝ притекнуваат.

– Иконата ќе пристигне во сабота, на 30 март, во 16 часот. И како што му доликува на еден воен трибун, каков што бил свети Георгиј, неговата чудотворната икона ќе биде пречекана со големи почести, односно со придружба од параден оркестар. Веднаш по пречекот и поклонението пред чудотворниот образ, ќе следи празнична вечерна богослужба, а следниот ден, недела, 31 март, во 9 часот и Божествена архијерејска литургија, посочува сестра Ефимија.

Со раширени срца и радосни души ги покануваме сите, вели таа, да бидат дел од ова сенародно духовно славје и да ги примат „големите благослови на светите Георгиј Победоносец и Григориј Палама, оддавајќи им достојна чест и слава“.