Во прилепскиот затвор затворениците гласаа, полицајците протестираа

0
58

Во прилепскиот затвор 104 затвореници денеска гласаа на претседателските избори, а пред капијата на казнената установа на мирен протест излегоа затворските полицајци поради условите во затворот, јави МРТ.

Имено во КПУ Прилеп се преместени затвореници од висок ризик од Идризово за кои, според вработените во затворот, нема соодветни услови за издржување на затворската казна во Прилеп и се загрижени на безбедноста на своите работни места.

-Во последно време се врши прераспоредување на затвореници од висок ризик од затвор Идризово низ другите затвори во Македонија. Затворот Прилеп во кој исто така се распределени затвореници кои се извршители на потешки кривични дела не е затвор кој исполнува ниту инфраструктурни, ниту пак кадровски е екипиран за да може да прифати ваков тип на затвореници, Владимир Лотовски, претставник на Независниот синдикат на полицијата.

Затворските полицајци, членови на Независниот синдикат на полицијата веќе ургирале до Управата за извршување на санкции и разговарале со директорот на затворот за ситуацијата, но, како што велат, тој се оградил како ненадлежен за решавањето на проблемот со осудениците преместени од Идризово.

Затворен систем значи ќелиски систем. Се додека не се направи тоа ние немаме физички услови за тоа. Поради местоположбата затворот излегува на два патишта, немаме тампон зона и немаме можност да ги обезбедиме овие луѓе, вели Саше Пулески, претседател на Независниот синдикат на КПУ Прилеп.

Затворските полицајци, членови на Независниот синдикат на полицијата велат дека не отстапуваат од своите барања и ќе протестираат секој ден од 12 до 14 часот. Го известиле и министерот за правда за ситуацијата, но не добиле никаков одговор.