ДУИ си прави филмови: Ахмети премиер, Османи претседател, Села спикер!

0
84

едницата ја отвори Ахмети и по верификација на мандатите, за претседател на Собранието беше избран Зијадин Села. Потоа 120 пратеници изгласаа уставни амандмани, а новиот парламентарен состав го инаугурира новиот претседател на државата Бујар Османи.

Додека партиите вчера ги запалија моторите за кампањата за парламентарните избори што ќе се одржат на 8 мај, на Европскиот фронт предводен од лидерот на ДУИ Али Ахмети како да не му треба кампања, зашто веќе го конституира новиот парламентарен состав: избра претседател на Собранието – Зијадин Села, но и нов шеф на државата – Бујар Османи. Европскиот фронт кампањата ја почна со симулација на првата конститутивната седница на парламентот.

Седницата ја отвори Ахмети и, како што бива според собранискиот Деловник, верификациската комисија ги верификува мандатите на новите пратеници. За претседател на Собранието беше избран Зијадин Села од Алијанса за Албанците. По ова следуваше најбитната точка – гласање на уставните амандмани, со кои бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египетскиот народ станаа дел од Уставот, а за тоа гласаа 120 пратеници. На истата седница, новиот парламентарен состав на Европскиот фронт го инаугурира новиот претседател на државата Бујар Османи. По обраќањето на Османи, првата конститутивна седница на Собранието беше завршена.

Од симулацијата на конститутивната седница во режија на Ахмети остана нејасно дали тој беше премиерот, зашто претходно, почетокот на кампањата за парламентарни избори ја најави вицепремиерот Артан Груби преку Фејсбук, и тоа со слоганот „Али Ахмети еден премиер за сите“.

– Нашата земја треба да се стреми кон мир со сите земји од регионот, да се стреми кон промена на Уставот и инкорпорирање на малите заедници кои живеат во оваа земја како уставна категорија што би имало значајно влијание. Едногласно ја поддржуваме измената на Уставот, поддржуваме по пет години актуелниот претседател да покрене иницијатива шефот на државата да биде избран во Собранието. Ние сме парламентарна република и мора да се оствари парламентарната демократија идниот претседател да биде избран со мнозинство парламентарци, со принципот на Бадентер, затоа, господине претседателе, даваме целосна поддршка промените во оваа држава да се придвижат напред – рече Ахмети.

СДСМ и коалицијата за европска иднина, кампањата ја почна под слоганот „Нема откажување од иднината“, а лидерот Димитар Ковачевски е убеден во голема победа и успех за европска Македонија, дека тој ќе ја предводи новата влада и дека најдоцна до 2030 година ќе ја однесе државата во ЕУ.
Ковачевски повтори дека се свесни за направените голем број грешки и тој ја презема одговорноста за тоа.

– Знаеме дека граѓаните се разочарани од растот на цените, од корупцијата, самоволието, неработењето и злоупотребите на дел од политичарите. Да, граѓаните се во право и ги прифаќам нивните критики за направените грешки. Само оној што е самокритичен и свесен за своите грешки, има моќ да ги исправи. Затоа креиравме издржан и остварлив план што е преточен во нашата програма за наредните четири години – рече Ковачевски, но и најави конечна, решителна и поефикасна борба против криминалот и корупцијата.

Главниот фокус останува членството во ЕУ и, според Ковачевски, ЕУ е единствениот начин да се сменат работите на подобро. Тој не пропушти да ја критикува ВМРО-ДПМНЕ, на која ѝ порача дека „со манипулации со зборување едно зад врата, а друго на улица, не се води држава“.
На настанот организиран во Музејот на современа уметност имаше видеообраќање од членот на германската сестринска партија ПЕС, Олаф Шолц, со порака дека за силна ЕУ е потребен процесот на проширување со Северна Македонија и државите од Западен Балкан.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кампањата ја почнуваат традиционално од Охрид. Лидерот Христијан Мицкоски порача дека ќе водат позитивна кампања што ќе ја врати довербата на граѓаните во институциите и дека ќе го остават срцето на терен за интересите на граѓаните на Македонија.

– По шест и пол години урнисување, криминал, понижувања, грабеж на институциите, грабеж на Македонија, сакаме да водиме кампања што на граѓаните ќе им ја врати надежта. Цениме дека надежта недостига… Освен неколкумина од ДУИ и малкумина измеќари од раководството на СДСМ, сите други граѓани имаат чувство дека се граѓани од втор ред. Тоа мора да престане, но по 8 мај ќе има и одговорност за сè она што се случувало изминатите шест и пол години… Мотивирани сме, желни да покажеме да го оставиме срцето на терен за интересот на граѓаните и на Македонија – рече Мицкоски.

Коалицијата „Вреди“ се потпира на косовско „Самоопределување“

Коалицијата „Вреди“, пак, за ветер во грб пред почетокот на кампањата за парламентарните избори повторно напомош ги повика косовските функционери од владејачката „Самоопределување“. Сега гостин им беше претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца. Тој, заедно со лидерите на „Вреди“ Арбен Таравари, Билал Касами, Африм Гаши, Изет Меџити и кандидатот за пратеник, Беким Ќоку, се прошета по Старата скопска чаршија. Лидерите средбата ја овековечија со фотографии и видеа со Коњуфца, кои ги објавија на своите фејсбук-профили.

Левица на изборите ќе настапи со слоганот „Неподмитливите во Собранието“.

На парламентарните избори за единаесеттиот собраниски состав учествуваат 17 партии и коалиции. Првпат ќе има совпаѓање од неколку денови на кампањите за претседателските и за парламентарните избори. Карактеристично е и дека за време на молкот за претседателските избори ќе продолжи да се одвива кампањата за парламентарните.

Преземено од СП