Ковачевски: Претседателот на државата треба да се бира на непосредни избори

0
219

Тоа што ДУИ смета дека мора да се прави, тие тоа може да си го кажуваат на нивните митинзи, меѓутоа суверено право е на демократските институции, а тоа е Парламентот во овој случај да одлучува за тоа како ќе функционира државата. Ние имаме уставно уредување во кое што претседателот на државата се бира од страна на граѓаните, рече Ковачевски

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски смета дека партијата има многу јасен став во однос на изборот на претседател во Собрание.

Во интервју за МИА, Ковачевски одговара на прашање за ставот на ДУИ за избор на претседател во Собранието како услов за формирање Влада. Вели дека во текот на кампањата се кажуваат многу работи и оти ова не е ново барање.

– Претседателот на државата треба да се бира на непосредни избори бидејќи претседателот на државата треба да биде независна интегритетна фигура која што ќе биде коректив на политичките партии којшто ќе ги претставува сите граѓани, а не да ги претставува политичките партии. Токму таков е претседателот Стево Пендаровски, потенцира Ковачевски.

Смета дека овој начин на избор е најдобар избор за претседател и така и ќе продолжи да биде во иднина.

-Тоа што ДУИ смета дека мора да се прави, тие тоа може да си го кажуваат на нивните митинзи, меѓутоа суверено право е на демократските институции, а тоа е Парламентот во овој случај да одлучува за тоа како ќе функционира државата. Ние имаме уставно уредување во кое што претседателот на државата се бира од страна на граѓаните, рече Ковачевски.

СДСМ, вели, дека доколку треба да формираат Влада, освен со партиите од нивната коалиција, би коалицирале и дополнително, сите оние партии кои не се дел од нивната предизборна коалиција, а коишто ги делат истите вредности за европска Македонија, за подобар европски животен стандард, за владеење на правото, за спроведување на ветинг во политичкиот и во правосудниот систем и во бизнис секторот.

Одговарајќи на прашање дали европските избори би можеле да влијаат на политиката на Унијата кон нас Ковачевски вели дека има логичен континуитет на политиката на Европска унија во делот на проширувањето.

-Ако го погледнете распоредот на силите на европските избори, тогаш повторно може да се очекува дека клучен збор ќе имаат Партијата на европските конзервативци ЕПП, потоа Партијата на европски социјалисти каде што СДСМ е дел, потпретседател на Партијата на европски социјалисти е нашата бивша претседателска Шеќеринска, член на Претседателството е меѓународниот секретар на СДСМ Бојан Маричиќ. Тие имаат многу јасна политика во однос на земјите коишто сакаат да станат членки на Европската унија, а тоа е поддршка и зголемување на соработката, рече Ковачевски.