Пендаровски од Прилеп: Со членството во НАТО го зацементиравме идентитетот и јазик и ја обезбедивме државата

0
103

„Изминатиот мандат, не јас, туку сите ние, имавме прилично тешки пет години. Да не ја споменувам пандемијата кога бевме затворени дома или неповолните глобални случувања, но и покрај тоа сепак направивме една работа, која според мене, е рамна на независноста – станавме членка на НАТО“ рече претседателот Стево Пендаровски на граѓанскиот митинг во Прилеп.

Тој додаде дека со членството во НАТО се стави тапија за секој што мисли дека може да игра играчки со нашиот територијален интегритет и суверенитет.

„30 години немаа храброст за тоа, од разни причини, но сега се погодија луѓе од оваа политичка структура која успеа тоа да го направи. Знаете дека имавме тешки моменти со референдумот, промената на Уставот, но вредеше. Го зацементиравме идентитетот и јазикот, ја обезбедивме иднината на државата“ рече Пендаровски.

Претседателот додаде дека веќе никој не може да помисли да ја става Македонија како монета за поткусурување на било какво меѓународни конференции на кои големите прават есапи за делба на помалите.

„Ние сме мали, но откако влеговме во НАТО, зад себе, пред себе и до себе имаме уште 31 држава и тоа најголемите, најмноќните кои нема да не остават како помало дете во фамилијата некој да си игра играчки со нас“ рече Пендаровски.