Вечерва во Тетово камерна изведба на „Професионалец“ од Душан Ковачевиќ

0
147

Под режисерска палка на Саше Серафимовски вечерва во Тетово со почеток во 20 часот во Центарот за култура Ило Антески Смок во Тетово ќе се одигра театарската претстава Професионалец од Душан Ковачевиќ.

Публиката ќе диши заедно на сцена со актерите оти се работи за камерна изведба на овој безвременски текст.

„Камерната изведба на Професионалец е всушност другата верзија на оваа театарска претстава, која дозволува да се игра каде сакате и како сакате. Тоа е безвременски текст каде нема временска рамка каде би го сместиле на пример во 80 или 90- години, тогашните проблеми постојат и денеска и најчесто работеле работи луѓето кои и практично не им било тоа работа, чисто само да се додворуваат на постоечките чинители кои биле во тоа време. Имаме закажани гостувања за Охрид, Битола, Куманово и Велес и во Скопје. Се работи за камерна изведба и затоа е лимитиран бројот на влезници, затоа што публиката ќе диши со нас на сцена,“ вели режисерот Серафимовски.

Тетово е град на театарот вели Серафимовски, но не можеме да се пофалиме со голем број на претстави и други културни активности. Недоставуваат услови за културен живот во градот под Шара.

„Апсолутно треба да има повеќе претстави и да има квалитет. За оваа година беше планирана сериозна изведба на еден драмски текст на Горан Стефановски„ Лет во место“, скапа претстава и беше планирано да играат еминентни актерски имиња. Беше планирана една соработка на Драмското студио со актерите на Народниот театар, тоа не се оствари, нема да кажам конкретно зошто. Обиди постојат, но не наидуваме на разбирање на тие на кои им е обврска тоа да го работаат. Тетово како град кој има сериозна театарска историја, има малку театарски престави. Како што гледате оваа сцена каде се наоѓаме е премала за овој град, немате услови каде да го реализирате тоа. Тука држат проби, независни здруженија, Тетовскиот театар, но треба да внимаваме и на квалитет, а не само на квантитет. Тетовската публика сака хумор, но сум работел и драми кои не се комедија, сум го работел Чехов, Крлежа, повеќе ги сакам драмите кои сакаат суштина, театарот треба да биде едукатор, а не само да забавува“, вели Серафимовски.

Тетово има само еден објект Центарот за култура Ило Антески Смок, каде се одвиваат разни културни активности. Со изградбата на Тетовскиот театар би се создадале одлични услови за сите драмски студија, здруженија и за проби и за премиери. Но реализацијата на овој проект постојано се одолговлекува. Сега последното ветување на Министерството за култура е дека новиот Тетовскиот театар ќе биде целосно изграден во 2027 година.

Извор СП