Тетовските комуналци кои го слават Рамазан Бајрам утре ќе го дочекаат со празна софра, неколку месеци не зеле плата

0
94

Над 90 вработени во Јавното претпријатие Вододов и канализација „Шара“ Тетово 4 месеци немаат земено плата. Револтирани од како што велат празните ветувања, одлучија да не одат на работа, се додека не им се исплатат заостанатите плати. Слободен печат го посети објектот на претпријатието, каде беа само неколку вработени, пренесува, ГЛАС.МК

„Секогаш сме имале проблеми со доцнење на платите, но вака не било никогаш, катастрофа, 4 месеци не сме донеле денар дома. А ни кажаа дека по поделбата на ЈКП Тетово во неколку правни субјекти ќе се нормализира состојбата, но сега е уште бетер. Утре е нашиот најголем верски празник Бајрам, нема да можеме на софра ништо да ставиме, срамота е ова што се случува“, вели еден вработен во Водовод и канализација.

Вчера дел од вработените на Водовод и канализација беа пред објектот на Општина Тетово. Пристигна градоначалникот Билал Касами на кого му го предочија проблемот. Тој им вети дека денеска ќе се исплатат платите, но на нашите сметки се уште нема ништо, ни посведочија вработените.

Инаку словенечката компанија Заубермахер го презеде менаџирањето со сметот во Тетово, а останатите услуги ги подели на други правни субјекти, Водовод и канализација, претпријатие за одржување на јавна хигиена и зеленило и Сектор православни гробишта.

Пред еден месец со презентација на камиони за собирање на отпад и нови контејнери на градскиот плоштад во Тетово, општината го промовираше почетокот на јавното-приватно партнерство со словенечката компанија Заубермахер, со која пред неколку месеци потпиша договор за собирање и транспортирање на комуналниот смет во Тетово.

Градоначалникот на Тетово Билал Касами тогаш рече дека сите вработени во ЈКП Тетово кои биле ангажирани во Секторот „Комунална хигиена“ ќе ги презеде словенечката компанија, а останатите ќе преминат во останатите комунални претпријатија.

Но состојбата е сосема друга. Тетовските комуналци од Водовод и канализација но и од другите сектори се уште не земаат редовно плата, градот е валкан и згора на се, се појавија нови проблеми ,како повисоки комунални сметки кои пристигаат за штали, подруми и гаражи.