ВИДЕО | Дабл-дабл на Дончиќ, Далас израмни во полуфиналната серија против Оклахома

0
42

Далас предводен од Лука Дончиќ изминатата вечер дојде до „брејк“ во вториот полуфинален натпревар против Оклахома (110:119) и така израмни во серијата на 1:1.

Словенечкиот кошаркар беше блиску до трипл-дабл со 29 поени, 10 скока и седума асистенции, а треба да се потенцира и дека голема помош имаше од Пи-Џеј Вашингтон кој го одигра најдобриот натпревар во плеј-оф кариерата со 29 поени и 11 скока.

Уште на почетокот Дончиќ најави дека ќе биде на препознатливото ниво во овој натпревар и брзо постигна 16 поени, погоди и четири тројки. Во тој период од вкупно 36 поени на Далас, Дончиќ беше одговорен за 24.

Имаше Далас предност и од 15 разлика, но Оклахома успеа да се врати и со поените на Арон Вингс да направи пресврт од (72:71). Сепак, тогаш кошаркарите на Далас повторно го кренаа нивото на игра и со серија од 18:4 и тоа во период кога Дончиќ беше на клупата направија клучна разлика. До крајот ја задржаа таа предност и успеаа да дојдат до победата.

Во редовите на Оклахома недоволен беше одличниот настап на Шеј Гилгес-Александер кој псотигна 33 поени и додаде 12 скока и осум асистенции.

Изненадување во источното полуфинале приреди Кливленд кој на гости го победи Бостон со 94:118. Кавси со овој триумф израмнија во серијата на 1:1 и сега таа се сели во нивниот дом.

Најзаслужен беше Донован Мичел со 27 поени, осум асистенции и седум скока. Зад него следеше Еван Мобли со 21 поени и 10 скока, исто толку додаде и Карис Лаверт. Тејтум на спротивната уфрли 25 поени, додека Џејлен Браун броеше до 19.