Маричиќ: Сите наши државнички одлуки го издржаа тестот на времето

0
55

„Сите државотворни одлуки кои сме ги донеле во изминативе 30 години, сите до една го имаат издржано тестот на времето и со тоа СДСМ се покажа како достоен наследник на делото на Гоце Делчев, на придобивките од АСНОМ и НОБ, од делото на Гоце Делчев и на Киро Глигоров“, истакна на новинарско прашање секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ, кој како член на делегацијата на СДСМ заедно со заменик претседателката, Сања Лукаревска и со претседателот на СДММ, Марко Михаилоски, оддаде почит и положи свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште, во црквата Св. Спас во Скопје по повод 121-та годишнина од смртта на идеологот на Македонската револуционерна организација.

Маричиќ дополни дека ниту една одлука не била ниту поништена, ниту изменета, туку сите биле прифатени и вградени во државноста на Македонија, дека СДСМ нема да се откаже иднината и со својата идеологија и своите политики ќе ги застапува социјалдемократските идеали, принципи и вредности.

Во однос на парламентарните и претседателските избори, Маричиќ нагласи дека СДСМ очекува подобар резултат и дека граѓаните ќе одлучат која партија колку пратеници ќе има во Парламентиот.

„Нам ни е битно да покажеме единство, заедништво и на секој наш член, симпатизер и поддржувач да му пристапиме и тоа го правиме секој ден и ќе се бориме. СДСМ ќе биде силна партија во Собранието, а кој е власт, кој е опозиција одлучуваат граѓаните. Јас сум сигурен дека СДСМ ќе има подобар резултат од првиот круг и дека СДСМ како партија ќе биде бедем којшто ќе ги брани слободата и демократијата, социјалната правда, поголемите плати и пензии и патот на европските интеграции. Сето она што ВМРО – ДПМНЕ, ЗНАМ планираат да го загрозат. Така што, ние сме автентична политичка партија, не сме дериват од ниту една друга политичка партија ниту сме составени да помогнеме на ВМРО – ДПМНЕ да дојде на власт, како што е тоа случајот со ЗНАМ“, потенцираше Маричиќ, се наведува во партиското соопштение.

 

Канал5