Маричиќ објави прочистување на правосудството за првите 100 дена

0
93

Невозможна мисија или конечно прочистување на судиите кои наместо да делат правда, ја буткале под тепих? Првите сто дена се рокот во кој новиот министер за правда ги очекува првите резулати. Бојан Маричиќ се потпира на Судскиот совет и Антикорупциската комисија за ова . Првите да прават проверка кој штелувал застарување на судски предмети, а вторите да испитаат дали се судиите и обвинителите се корумпирани и имаат повеќе отколку што им е платата.

– Ние немаме илузија дека за неколку месеци ќе бидат проверени сите тие предмети меѓутоа важно е да имаме една динамика која ќе дава резултати, која по некое време ќе ги изведе на површина системските слабости за кои заедно ќе дејствуваме. Тоа не значи дека во секој поединечен случај дека мора судијата да биде разрешен, бидејќи има широк дијапазон или можности да укажување, но секако е важно да ги изнесеме сите слабости и човечки и системски за да можеме да ги подобриме. – Бојан Маричиќ.

Амбициите на новиот министер не се сразмерни со капацитетите на институциите. Антикорупционерите кубурат и со кадар и со опрема и периодов само двајца вработени ги впишуваат податоците за проверка судиите и обвинителите. Дополнително по формирањето на Владата ги засукаа ракавите и работат на анкетните листови на новите функционери. Една година се чекаат информации за 50тина судии и обвинители од 17 институции. Бидејќи антикорупциска нема софтвер за електронски да се внесе, секој податок се собира и се чека по пошта и се внесува рачно, вели за ТВ24 првата антикорупционерка Билјана Ивановска.

– Во првите сто дена како што се очекувањата до Нова година ние ќе го имаме од она што сме истражиле, во овој период тоа се информации за претседателите на судовите и обвинителите од СЈО. Се прави проверка на вистинитоста на податоците. Вториот чекор е дали тоа што го имаат е сразмерно на нивната плата, ако има неправилности ќе алармираме до Финансиска полиција. – Билјана Ивановска- Антикорупциска комисија.

Кон крајот на следниот месец Судскиот совет ќе ги има првите информации дали намерно се застарувани предмети и се тргани на страна. Претседателот на советот во телефонски разговор за ТВ24 вели дека веќе на терен се прават проверки на работата на судовите. Поминати се 7 судови, а деновиве под лупа е најголемиот суд во Скопје- Кривичниот.

– Независно од изјавата на министерот за правда јас уште во декември пообарав од сите претседатели да достават податоци колку застарени предмети имаат. На 26 и 27 октомври ќе имаме заедничка средба и ќе бараме отчет зошто се нерешени, а потоа ако постојат причини и ќе се поднесат претставки поединечно за судиите. – Киро Здравев – Претседател на Судски совет.

Прочистувањето во правосудството беше едно од главните ветувања на власта и во претходниот мандат и на овие избори. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ контра Маричиќ, му порачаа да почнат прво со ревидирање на процесите против СДСМ.

– Дали Маричиќ ќе го ревидира процесот против Заев кого цела јавност го виде како бара „евро за Вицето, евро за црквата“, а остана неказнет и сега е премиер?! Дали ќе се ревидира постапката за аболиција на Заев за криминал од 8 милиони евра, постапката против Боро Марлборо, кој беше фатен како шверцува цигари, а е осуден условно?! – ВМРО-ДПМНЕ.

Од проверките на антикорупционерите до сега, беа поднесени пријави до Финансиската полиција за деветмина судии со сомнителен имот, меѓу кои и Владимир Панчевски, Софија Лаличиќ судијката од бомбите, но беа затворени поради немање докази. Од следната година под лупа на ЕУ ќе бидат високопрофилираните судења на корупција.