Наместо плодни површини како некогаш голем дел од нивите покрај Вардар во Општина Јегуновце се суви и непогодни за традиционалните култури

0
24

Наместо плодни површини, голем дел од нивите покрај реката Вардар во Општина Јегуновце се суви и непогодни за традиционалните култури, кои тука се засадувале. Површините ја имаат изменето својата земјена структура, откако изминативе две децении речиси секоја година реката се излева и ги поплавува. Решението е во регулација на коритото на Вардар, проект кој тапка во место.

Ристе Бојкоски од село Туденце последниве години нивите покрај Вардар ги засадува со луцерка. Грав, пченка и други традиционални култури кои тука го одгледувал, сега веќе тешко успеваат. Површините  не се исти. Поплавите ја изменија структурата на земјата.

Жителите на селата од Општината Јегуновце кои гравитираат долж течението на реката Вардар речиси секоја година трпат штети од поплавите. Коритото на Вардар не е регулирано, па при поголеми поројни дождови и со топењето на снегот реката се излева, а нивите се под вода.

Ветувањата за регулација на коритото се чести, но во пракса ништо не се реализира, велат мештаните.

Од Општина Јегуновце истакнаа дека имаат изработено проект за регулција на Вардар, но средства за реализација чекаат од владата.

Проектот регулација на Вардар изнесува 6 милиони евра, но засега нема никакви најави од владата за одобрување на средста и реализација на истиот. Нивите и натаму ќе ги голта реката, а Бојкоски како и останатите земјоделци или ќе засадуваат само луцерка, или пак како што велат, ќе се откажат од оваа дејност.

 

МТВ