Министерот за здравство д-р Венко Филипче на утринската средба со новинарите на Клиниката за кардиологија рече дека вакцинацијата се спроведува во сите вакцинални пунктови низ целата држава и дека се одвива и без закажан термин. Освен за вакцинацијата тој се осврна и на можните рестриктивни мерки, доколку по завршување на летото се појави нов бран на заразени.
-Доколку наесен опфатот на вакцинирани граѓани не е доволно голем, ќе се воведат нови мерки, како што е вакцинален сертификат, што ќе биде задолжителен за влез на настани на затворено, како и за организирање масовни настани. Важноста на имунизација на населението е клучна за справување со пандемијата, затоа е важно граѓаните што поскоро да го сторат тоа, рече тој.