Собранието ја изгласа потребата за измени на Изборникот законик по скратена постапка

0
33

Со 85 гласа за, 2 против и 5 воздржани собранието ја изгласа потребата за измените да се носат по скратена постапка. Собранискиот спикер Џафери ги задолжи претседателите на матичните комисии за политички систем и законодавно правната комисија да свикаат седница.

Претходно, пратениците Димитар Апасиев и Павле Трајанов побараа од дневен ред да се симне точката Предлог на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, но нивниот предлог не беше прифатен.

Координаторот на СДСМ Јован Митрески рече дека предложените измени на Изборниот законик произлегуваат од последниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР поврзан со предвремените избори во 2020 година и оти дошле по повеќемесечна сеопфатна дебата меѓу партиите и работната група на Министерството за правда.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак денеска соопштија дека „ВМРО-ДПМНЕ поддржува измени и дополнувања на изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ-ОДИХР, а ваквата опција за отворени листи овозможува поголема демократија во која личноста на кандидатот, а не само партијата ќе бидат избирани од страна на граѓаните да одлучуваат за нивната општина“.

Според измените на Изборниот законик кои ги најави премиерот Зоран Заев, сите парламентарни политички партии направиле нацрт закон во кој се предвидува дека ако некој сака да се кандидира на претстојните октомвриски локални избори како независен кандидат му се потребни потписи од два отсто од гласачите кои се запишани во општинскиот избирачки список.

Претходно во изјава за радио Слободна Европа претседателот Стево Пендаровски рече дека очекува да се почитува препораката на ОБСЕ/ОДИХР непосредно пред избори да нема менување на изборните правила.

„Во врска со најавениот Предлог за измена и дополнување на Изборниот законик, во делот кој би пропишал независните советнички групи да треба да соберат потписи од два проценти од вкупниот број на избирачи запишани во една општина, претседателот Пендаровски смета дека треба да се предвиди понизок праг со цел да се овозможи поголемо учество на граѓаните во изборниот процес“, наведуваат од кабинетот на Пендаровски.

Реакцијата на шефот на државата доаѓа откако со реакција се јавија помалите политички партии но и 23 граѓански организации и поединци предводени од „Зелен хуман град“ кои бараат од шефот на државата Пендаровски да не ги потпишува овие измени .