Тетовско гравче кое ја снабдуваше цела поранешна југословенска армија пред исчезнување

0
23

Тетовскот гравче познат бренд на пошироките простори веќе е пред изчеснување. Топлото време изминатово лето, кога како што велат агрономите требаше да се врзе меунката, го сотре цветот кој не се оплоди, а стеблата практично останаа без меунка.

Земјоделците ни раскажаа дека 90 % од плодот е уништен, не се сигурни дека нешто ќе остане за семе за наредната година

-Не е проблем наводнувањето, туку топлото време. Има тука фала богу канал за наводнување, но бадијала е да го наводнуваш гравот, кога меунката односно цветот беше изложен на температура и до 50 степени, тоа тетовското гравче не го издржува. Климатските промени си го прават своето. Тука во Брвеница каде има и над 1000 семејства се садеше тетовско гравче на околу 3000 хектари, сега пак ќе кажам поради климата тројно се намалија површините засадени со грав. Добро е што барем се бара гравчето, ама ете ние земјоделците немаме среќа тоа се продава, ама нема род, вели Саше Ѓорѓески земјоделец од тетовското село Долно Седларце.

И на тетовскиот зелен пазар сликата доволно говори за лошата состојба со тетовското гравче. На тезгите тетовскиот грав го нема, а по маркетите овој производ се помалку го има по штандовите. Граѓаните сега наместо тетовски грав, ќе јадат гравче од Казакстан и други источни земји.

-На наште трпези еднаш во неделата мора да има гравче, навика и традиција ние е тоа, но сега реалноста е таа, тетовското гравче нема да има. Го купуваме ова увезеното од маркетите, тоа е доста поефтино, ама не е слатко како нашето тетовско. Нашето гравче има свои специфики, кога го вариш лушпата не се лупи, се стои на зрното и е многу слатко се топи во уста. Ова другово е како каша, вели една тетовка која од еден маркет излезе со неколку купени кеси со тетовско гравче.

Од Агенцијата за поттик и развој на земјоделието подрачно одделение Тетово, велат дека состојбата со гравот годинава е лоша. Има начин да се спаси гравот од климатските промени, но за тоа се потребни инвестиции кои земјоделците и не се толку моќни да ги издвојат.

-Во фаза на цветање ако е гравот и ако тогаш има високи температури цветот не може да опстане, тоа не е само кај гравот, туку кај сите култури кога има високи температури, а тоа е мана на тетовскиот грав кога е во фаза на цветање и кога треба да врзе меунка тогаш во тој период има високи температури. Бадијала е наводнувањето, ако нема опрашување ти вода му даваш ќе живее, но нема да има плод. Ние порано нишки грав имавме тој порано стасува и тој грав може да ги избегне високите температури. Но тоа не е економски исплатливо, сепак се работи за наш бренд кој е доста баран и поскап на пазарот, а исто нашиот тетовски грав се засадува заедно со пченка што иста така го прави економски исплатливо. Можеби треба гравот да се покрива со заштини мрежи да се намалат сончевите зраци, но тоа се вложувања кои ретко која сака да инвестира, особено индивидуалните земјоделци.Затоа треба да има окрупнување на земјоделците, затоа што вака на мали површини не се исплаќа,а со окрупнување на површините односно здружување на земјоделците ќе имаме поголеми шанси за вакви, но и за други инвестиции со што би имале поисплатливо земјоделство, рече  Петре Петрески раководител на Агенцијата за поттик и развој на земјоделието подрачно одделение Тетово.

Тетовскиот грав е далку прочуен на поранешните југословенски простори. Со овој производ во минатото се снабдуваше цела поранешна југословенска армија и бившите ЈУ држави. Познат е по добриот вкус и крупното зрно.

Но, во последно време поради климатските промени тој се помалку го има на нивите, а често брендот се злоупотребува, односно под брендот тетовско гравче се продава увезен грав, најчесто од Пакистан и Казакстан. 

ММС