„Одредете си цена за вашите деца“ – родителите на загинатите деца во Кочани, тврдат дека премиерот Мицкоски, токму со оваа реченица им се обратил на средбата која ја имале со него на 7 јули во Владата. Како што наведуваат и објавуваат на Фејсбук од Здружението на граѓани 16-ти Март 2025 Кочани, родителите биле видно вознемирени од односот и содржината на состанокот и обвинуваат дека биле понижени. Во Владата пак, денеска излегоа со соопштение во кое ги демантираат ваквите наводи.
„Тоа не беше само навреда, тоа беше газење врз спомените, врз болката, врз човечкото достоинство. Ако вие, господине премиер, мислите дека животите на нашите ангели имаат цена, тогаш прашуваме: колку вреди еден човечки живот? Кога ќе можете да го процените тоа, тогаш дојдете и кажете ни ја цената за нашите деца. Нашите деца се херои. Со своите животи, оставија печат врз оваа држава. И ако вие не знаете да ја водите оваа држава, ако не знаете да обезбедите правда и покрај сите докази што ви се ставени на маса, тогаш отстапете го вашето место на некој што знае, што умее, што има совест и храброст. Ние не се плашиме. Иако сме под огромен стрес и со скршени срца, нашиот разум и нашата борба не престануваат“, наведено е во објавата на Фејсбук од Здружението на граѓани.
По ова, Владата преку соопштение негира дека премиерот така се изразил пред родителите на средбата.
„Не се точни наводите пренесени во дел од медиумите за состанокот со роднините на загинатите од кочанската трагедија. Во моментот се прави злонамерно дефокусирање и злоупотребување на трагичната судбина. Владата е тука за семејствата, за сè што им е потребно и секогаш ќе биде со нив дури и кога за некои работи ќе имаат различни мислења. Владата жали за впечатокот кој некои го добиле, но тие средби досега не се ни први, а ни последни и апелираме да не се прави сензација од средба наменета за поддршка и сочувство“, наведено е во владиното соопштение.









