Според последните анализи од стручните лица од ЈЗУ Центар за јавно здравје-Велес, направени овој месец, водата во вештачката акумулација езеро „Младост“ кај Велес и понатаму е забранета да се користи за капење и рекреација, се додека од страна на стручна институција не се докаже отсуство на цијанобактерии, но и цијанотоксини.
– Со тоа би можело да се изврши комплетна проценка на безбедност на водата – се вели во извештајот на оваа јавна здравствена институција објавен на веб-страницата на Општина Велес.
Од извршениот санитарно-хигиенски увид на Езеро Младост, Центар за јавно здравје Велес, констатира постоење на „видлива пролиферација на алги и појава на пена и голема количина на биомаса-густи, пифтиести, сунѓерасти наслаги со жолто-кафеава боја кои покриваат значителен дел од крајбрежјето на акумулацијата“.
Центар за јавно здравје Велес излезе со препорака која гласи „водата НЕ СМЕЕ да се користи за капење и рекреација додека не се изврши испитување од стручна институција која ќе докаже дека во водата нема цијанобактерии и не содржи цијанотоксини“.
СДСМ, преку своите советници, бара вонредни анализи на водата за пиење во Велес и околните населени места.
„Конкретно во Велес СДСМ побара да се проверат сите водоводи поради тоа што последните наоди и стручни мислења коишто се јавно објавени покажуваат дека скоро секаде во селските водоводи има „Escherichia coli“ индикатор за фекално загадување.
Дури и во училишта. Нема никаква информација каква е сега состојбата, дали општината и централната власт нешто презела?
Советниците на СДСМ бараат и посебна точка на дневен ред за состојбата со водата во Велес. ткако за неколку дена добивме загадена вода во Гостивар, Валандово, Лешок и Крушево, не може да се молчи. Сега СДСМ бара итна и целосна проверка на водата за пиење во сите градови и општини во Македонија. Без исклучок. Без селективност“, велат од СДСМ









