Со злоупотреби на јавни набавки ја оштетиле прилепската болница за 700 000 евра. Во криминалната шема учествувале 25 физички и 7 правни лица .Осомничените ја злоупотребиле службата, постапките за јавни повици и набавки, фалсификување или уништување деловни книги за да се стекнат со имотна корист.
По поднесена кривична пријава од Управата за финансиска полиција, Основното јавно обвинителство Прилеп донесе наредба за спроведување истражна постапка.Сите осомничени се обезбедени. За шестмина се бара притвор. За останатите 19 физички лица се предложени мерки на претпазливост.
ОЈО
– Постапката се води против 16 физички и 7 правни лица, додека уште девет други лица се осомничени за дела кои се гонат во скратена постапка. Осомничените, меѓу кои поранешната директорка, раководители и други вработени на болницата, но и управители на осомничени правни лица, преку постапки за јавни набавки за сервис на моторни возила, чистење на работните простории, сервис на водоводна мрежа реконструкција на инфективното одделение, го оштетиле буџетот на болницата за 42.726.978 денари.
Наводите во кривичната пријава поднесена од Финансиската полиција се поткрепени и со наоди од извештај на Државниот завод за ревизија.
Обвинителството и во април годинава информираше дека работи во предистражна постапка – поради сомнежи за злоупотреба на службена положба и овластување во рамки на прилепската болница.
Директорот на болницата Кире Јоноски откако стапна на функцијата во неколку наврати изјави дека евидентирал голем број на неправилности, а установата ја наследил со долг од над 3 милиони евра. Тој обвини дека се трошело пари нс скапи телефони ајфони, мобилни броеви кои не биле никаде евидентирани. Се плаќало кеш за косење трева без договор и платен данок.Од касата на болницата се плаќало дури и за родендени.









