САД размислуваат за постепено намалување на воените операции – Техеран бара долгорочни гаранции за траен мир

0
137

Конфликтот на Блискиот Исток продолжува со израелски напади врз Иран, додека Техеран одговори со ракетни напади и напади со беспилотни летала низ целиот регион. Вашингтон вели дека се „блиску до остварување на своите воени цели“ и дека САД размислуваат да ги намалат своите активности во Иран, но испраќа трупи во Заливот.

Иран, пак истрелал балистички ракети со среден дострел врз американско-британска база во Индискиот Океан. Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Иран не сака конфликти со исламските земји и соседи, нагласувајќи дека само „ционистичкиот ентитет“, односно Израел, има корист од поделбата меѓу нив.

Пезешкијан – претседател на Иран

„Им велиме на нашите исламски земји и драги соседи – вие сте наши браќа и немаме намера да влегуваме во никаков спор со вас. Единствениот што има корист од нашите несогласувања е ционистичкиот ентитет“.

Американскиот претседател Доналд Трамп е контрадикторен во изјавите – најавува намалување на воениот ангажман во Иран, а од друга страна, илјадници американски трупи се упатуваат кон регионот. Вели дека е подготвен за дијалог, но не и за прекин на огнот.

Тонско Доналд Трамп – претседател на САД

„Можеме да имаме дијалог, но не сакам да склучам прекин на огнот. Тоа не го правите кога буквално ја уништувате другата страна. Тие немаат морнарица. Немаат воздухопловни сили. Немаат никаква опрема, нивните лидери се убиени. Едноставно, не сакаме да го направиме тоа“.

Техеран за првпат употреби интерконтинентална ракета со среден дострел кон заедничката воена база на САД и Велика Британија-Диего Гарсија, во Индискиот океан, откако Лондон му дозволи на Вашингтон напади врз ирански цели во Ормускиот теснец. Ниту еден проектил не ја погодил целта. Продолжуваат и меѓусебните напади меѓу Израел и Хезболах, додека израелската армија најавува проширување на операциите во јужен Либан.

Ефи Дефрин – портпарол на израелската армија

„Копнените операции во јужен Либан се интензивираат. Ќе ја прошириме операцијата во наредните денови. Досега нападнавме над 2.000 цели во Либан и спречивме повеќе од 600 терористи“.

Ормускиот теснец и натаму е клучна цел. Во обид да ги намалат цените на горивата, САД привремено ги укинаа санкциите за иранската нафта моментално заглавена на море.

Скот Бесент – секретар за финансии на САД

„Во моментов, санкционираната иранска нафта ја складира Кина евтино. Со привремено отклучување на оваа постоечка понуда за светот, САД брзо ќе донесат приближно 140 милиони барели нафта на глобалните пазари“.

Иранското министерство за нафта ги отфрли како „психолошки трик“ изјавите на американскиот секретар за финансии. Немаме вишок нафта на море, САД прават психолошки трик, бескорисно ги олабавуваат санкциите, вели официјален Техеран. Прес-службата на Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин му посакал на иранскиот народ достоинствено да ги надмине овие тешки искушенија и нагласи дека во овие тешки времиња Москва останува лојален пријател и сигурен партнер на Техеран.