Хакери навлегле во системите на бензинските пумпи во САД, властите се сомневаат дека зад нападот стои Иран

0
108

Американските власти се сомневаат дека ирански хакери стојат зад серијата упади во системите што ја следат количината на гориво во резервоарите кои ги снабдуваат бензинските пумпи во повеќе сојузни држави, ексклузивно објави Си-Ен-Ен.

Хакерите ги искористиле автоматските системи за мерење на резервоарите кои биле поврзани на интернет и не биле заштитени со лозинки, при што ги менувале податоците прикажани на екраните, но не и реалните нивоа на гориво во резервоарите.

Сајбер нападите предизвикале загриженост за безбедноста, наведува Си-Ен-Ен, бидејќи пристапот до ваквите системи теоретски би му овозможил на хакер да прикрие и евентуално истекување на гас.

Доколку се потврди вмешаноста на Иран, тоа би бил најнов случај на закана од Техеран кон критичната инфраструктура во САД.

Во извештај на „Скај Њуз“ од 2021 година биле цитирани внатрешни документи на Корпусот на исламската револуционерна гарда, во кои системите АТГ биле наведени како потенцијална цел за деструктивен сајбер напад врз бензински пумпи.