Николоски: Коридорот 10 е економски најисплатлив, мора да го завршиме навреме

0
117

Инфраструктурните проекти на паневропските коридори се клучни за економската иднина на земјата, а нивната реализација ќе спречи Македонија да остане изолирана од главните транспортни текови, оцени вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски во емисијата Стадион на Канал 77.

Тој најави дека државата вложува стотици милиони евра во патната и железничката инфраструктура на Коридорите 8 и 10, со јасна цел – задржување на стратешката позиција на државата на европската транспортна мапа.

Само така ќе спречиме државата да не стане слепо црево, а превозниците и бизнисот да избираат алтернативни коридори“, истакна Николоски.

Според него, Коридорот 10 во моментов е „економски најисплатлив“ и најфреквентен транспортен правец во регионот, но предупреди дека неговата предност може да се изгуби доколку не се заврши навреме.

„Ако не се изгради Коридорот 10 целосно, ќе возат и 600 километри плус затоа што ќе немаат избор“, рече Николоски, посочувајќи дека алтернативниот Коридор 4 е значително подолг и поскап за превозниците.

Како пример ја наведе ситуацијата со протестите на превозниците, кога дел од транзитот бил пренасочен, при што компаниите увиделе дека трошоците растат поради подолгата рута.

Паралелно, Владата интензивно работи и на Коридорот 8, особено на железничката врска кон Бугарија.

„Делницата Куманово – Бељаковце е веќе во функција, а Бељаковце – Крива Паланка се гради со добра динамика. Очекуваме наскоро да се објави повик за третата делница“, посочи Николоски, додавајќи дека од доцна лето или рана есен се очекуваат активности и на терен.