Агенцијата за национална безбедност и Министерството за внатрешни работи, а под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција спровеле акција за разбивање на терористичка група поврзана со Исламска држава. Две од петте лица инволвирани во групата добиле притвор, односно домашен притвор, а тројца се на издржување казна затвор за тероризам.
Во рамки на предистражната постапка поврзана со кривичното дело „терористичка организација“ вчера биле извршени претреси на повеќе локации на територија на Скопје при што се пронајдени и одземени дигитални уреди и друга електронска опрема. Сите пет осомничени лица добија кривична пријава.
Според информациите со кои располага Агенцијата за национална безбедност, лицата како идеолошки поддржувачи на терористичката организација „Исламска држава“ во изминатиот период спровеле активности за воспоставување конекции со медиумски пропагандни канали на споменатата организација, но и создавање на локална мрежа преку која дисеминирале екстремни и насилни наративи, со цел поттикнување на терористички активности во земјата. Како дел од групата, споменатите давале и логистичка поддршка на други лица, претходно веќе опфатени во контратерористички активности на Агенцијата“, посочуваат од институцијата.









