Возобновеното полициско училиште ќе прими 200 ученици, од МВР очекуваат силна конкуренција за првата генерација во „7 Мај“

0
45

Облечи ја униформата со гордост!“ е мотото на јавниот повик на Министерството за внатрешни работи за прием на 200 ученици во новото државно Средно полициско училиште – Полициска академија за учебната 2026/2027 година. Со него ќе се возобнови средното полициско образование во државава по пауза од 26 години, односно од завршувањето на последната генерација (1996-2000) пред укинувањето на тогашниот Центар за образование на кадри од областа на безбедноста (ЦОКОБ) „Елисие Поповски-Марко“.

За упис во новото училиште, кое е именувано „7 Мај“ (Денот на македонската полиција), ќе може да конкурираат ученици со завршена втора година средно образование во кое било четиригодишно средно училиште во државава. Учениците што ќе се запишат ќе имаат настава по стручни и општообразовни предмети и ќе престојуваат во ученички дом (интернат) во склоп на Центарот за обука на МВР (Полициска академија) во Идризово, каде што за полицајци се школувани 24 генерации, од 1972 до 2000 година, во некогашното четиригодишно полициско училиште. Во согласност со јавниот повик, кога ќе матурираат МВР ќе им обезбеди работно место – полицаец.

За да се запишат кандидатите треба да ги исполнат условите од конкурсот и да ја поминат селекцијата која ќе биде во три фази: проверка на моторички способности; писмено тестирање (општообразовен тест) и поединечен разговор (интервју) со кандидатот. Конкурсот е отворен од 3 јули и ќе трае 15 дена, до кога заинтересираните треба да ги достават потребните документи со пријавата, која е достапна за преземање во повикот на МВР.

Општи услови кои кандидатот треба да ги исполни се:да е државјанин на Република Северна Македонија, да нема навршено 18 години возраст на денот на објавување на јавниот повик, активно да го користи македонскиот јазик и да е здравствено и психофизички способен, што се потврдува со лекарско уверение издадено од лиценцирана установа.

Во посебните услови е наведено дека општиот успех во двете завршени години средно образование треба да биде најмалку „добар“ и на ученикот да не му се изрекувани педагошки мерки во училиштето каде што ги завршил прва и втора година средно образование. Во посебните услови се и успешно поминати трите фази од селекцијата.